Дваесет и четири возачи возеле под дејство на алкохол на патиштата на истокот
Дваесет и четири возачи на патиштата во источниот регион возеле под дејство на алкохол, покажа контролата на полициските службеници во текот на викендов, информираше денеска портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова. Таа додава дека контрола е извршена на 90 возачи на патничките и на тешки моторни возила.
– Санкционирани се вкупно 24 возачи и на истите издадени им се мандатни платни налози, исклучени се од сообраќај, времено им се одземени возачките дозволи. СВР-Штип апелира до сите учесници во сообраќајот дека и понатаму ќе спроведува засилени контроли за откривање, спречување и санкционирање на овој вид, но и на останатите прекршоци, рече Панајотова.
Таа забележува дека и во текот на викендот се случила сообраќајна несреќа меѓу патничко моторно возило и мопед, а возачот на мопедот се здобил со телесни повреди. Лани на патиштата во источна Македонија загинаа 30 лица.