Дарио Панковски, музичар: „Што е мое ќе си дојде“ руши рекорди во регионот

Годините не му можат ништо, хитовите од тридецениската кариера уште му се вртат во етерот како сончев ден со температура од 20 степени. Поп-пејачот Дарио Панковски (55) овие летни денови се лади со пиво во своето кафуле во центарот на Скопје гледајќи Мундијал, додека неговиот хит од пред две години „Што е мое ќе си дојде“ во хрватска верзија руши рекорди на Јутјуб. Со семејството успеа да истера и одмор во соседството и наесен подготвува музичко изненадување. Дупла вотка и сѐ е можно!

Лето е, дали ќе не изненадиш нешто на музички план зашто прочитав еден „твит“ дека сите твои песни се како сончев ден со температура од 20 степени?

– Како за почеток, му благодарам на авторот на „твитот“, тоа е огромен комплимент. Искрено, јас секогаш се трудам секоја моја песна да биде токму таква, а крајниот збор без исклучок го има единствено публиката, односно слушателите, а не медиумите. Летово не, но потоа најверојатно ќе излезе некој нов наслов на површина.

Што се случува со твојата музичка кариера? Затишје или стави точка и се посвети на својата професија и на кафулето?

– Мојата музичка кариера не е стихијна или кампањска, таа трае во континуитет со години, исто како и повеќето мои песни, така што не станува збор за никаква точка. Едноставно, моето медиумско присуство некогаш е со поголем, а некогаш со помал интензитет. На крајот на краиштата, па и не е баш нормално некој да виси нонстоп по медиуми 24/7 со години, зар не?

Инаку, не станува збор за никакво затишје, напротив. Доказ за тоа е мојата моментна голема активност и актуелност на просторите на целиот балкански регион, односно нашите поранешни републики, па и пошироко. Се работи за новата песна „Sto je moje to ce doci“, снимена на хрватски јазик, која е всушност верзија на „Што е мое ќе си дојде“, снимена во Македонија пред две и пол години. Песната е објавена и објавена пред само две недели, а веќе има скоро 300.000 прегледи и фанови од просторите на поранешна Југославија ширум целиот свет.

Еве ги линковите:

https://bgonline.rs/ceo-region-peva-jednu-pesmu-sa-anom-bucevic/

Kako je nastala pesma “Što je moje to će doći”?

и на мојата Инстаграм страница DarioPankovski

А моето кафуле „МИГ 21“ квалитетно ми го исполнува времето, току колку што јас ќе одлучам, да се видам со драги луѓе, да се запознаам со нови гости, да поуживам хедонистички сам рано наутро со чашка свежо цеден сок…

 

Имаш вонвременски хитови, мене ми е омилена „Косоока“. Се чувствуваш ли креативен како порано?

– Ти благодарам, и да, јас се чувствувам креативен и денес, но за жал денешното време и денешните луѓе се далеку од она што беа порано, кога овие безвременски хитови искрено се создаваа, но и искрено се прифаќаа… две сосем различни димензии.

Твоите песни се посветени најчесто на понежниот пол и со интересни наслови: „Ладна како камен“, „Косоока“ и „Викни ме на чај“, „Дај да заспијам“, „Дупла вотка“. .. Дали се автобиографски или плод на твојата фантазија?

– Јас многу ретко пишувам автобиографски текстови, а тоа го знаат само неколку блиски луѓе, кои се запознаени со мојот живот. Сѐ друго е плод на мојата уметничка, креативна фантазија или, пак, животни искуства на некои други луѓе.

Кој твој хит крие најинтересна приказна?

– Е ова е ултратешко прашање! Ако баш морам да одберам нешто, можеби во „Која ли си ти“ се крие најмистичниот и најнедефинираниот текст со неверојатна игра на зборови, од кој секој може да си креира сопствена приказна.

Вистина ли е дека Драган Б. Костиќ е „виновен“ за Дарио и „Бонтон“?

– Апсолутно, тој во тоа време беше „алфа и омега“ во музичкиот медиумски простор. Го поканивме на проба и тој, Драган Б. Костиќ, на наше неверување навистина дојде, нѐ ислуша внимателно, ни даде совети и насоки за понатаму и си замина презадоволен, среќен поради нас! Од тој ден натаму, ние веќе бевме првата македонска њу вејв музичка медиумска атракција.

Кој е музичарот на кој му се восхитуваш?

– Многу е неблагодарно да се избере некој од стотиците музички волшебници во светов, но… Мајкл Џексон, АББА, „Ролинг стоунс“, Џорџ Мајкл, Бреговиќ, Чолиќ…

Кој е најдобриот концерт на кој си бил?

– Можеби на Хулио Иглесијас. Без никакви посебни аудио, светлосни, видео, кореографски или пиротехнички ефекти… само се појави, седна на едно барско столче, почна да пее и во истиот момент со својот глас го претвори Градскиот стадион во Скопје во едно мало затворено клупче. Импресивно!!

Која е тајната на успешното и среќно семејство?

– Најверојатно секое успешно семејство си има свои домашни правила, црвени линии, начин на воспитување, меѓусебно почитување и сакање, искреност и блиска поврзаност, па така и моето семејство.

Имате веќе возрасни деца, Андреа и Бруно. На кои животни лекции ги учевте и на што да внимаваат?

– Кога беше време за тоа, јас и мојата сопруга Бојана дававме максимум од себе за да ги научиме на вистински вредности, дека семејството е основна и највисока институција, на едно урбано градско воспитување и однесување, на култура на живеење, па и на музичка култура. По она што денес го гледаме од нив, мислам дека сето тоа во најголем дел не било залудно.

Важиш за еден од најдобро облечените пејачи во Македонија… Што ти е најважно кај изгледот?

– Благодарам уште еднаш. Основно е што јас секогаш се облекувам поради себе, а не поради некого и нешто. Едноставно, се чувствувам убаво кога сум тип-топ среден, а некои од најважните работи кај изгледот, според мене, се модните додатоци, но и шармот, држењето и манирите во комплет со гардеробата.

А кај жената?

– Уф, жените се посебна планета и најубавото паралелно нешто што ѝ се случило на нашата машка планета! Дефинитивно стил, интелект, отменост, изглед, долга коса, поглед… и висока штикла.

Дали го следиш Мундијалот?

– Кога се случува Мундијал, тогаш тоа е најбитниот настан во светот, сѐ друго е помалку важно, а така и треба да биде. Без разлика дали сте фанатичен обожавател на фудбалот или само рекреативен посматрач, не може да останете рамнодушен на ваков глобален настан и вистински празник на спортскиот дух и емоции. Јас лично го следам Мундијалот секојдневно во моето кафуле „МИГ 21“, заедно со нашите пријатели и гости, каде што гласно на звучници се следат натпреварите, гласно се навива, се пие пиво и се радува, а паѓа и по некоја пцост!

Како гледаш на договорот меѓу Македонија и Грција?

-Јас сум уметник, а за уметниците никаде во светот не постојат граници, а уште помалку политика. Договорот го прават оние на кои тоа им е работа, народот е тој кој ќе има можност да го изгласа или не, а јас ќе се потрудам со моите песни да им го разведрам секојдневието и на едните и на другите…па и на оние третите, зошто да не!?

Лејла Сабит   Фото: Приватна архива