Данска ќе ги испраќа несаканите мигранти на ненаселен остров

Данска планира мигрантите со полициско досие да ги испрати на ненаселен остров, каде едни ќе чекаат на депортација, а други ќе останат на неодредено време, бидејќи поради состојбата во сопствените татковини не можат да бидат вратени таму, објави Хина.

Данскиот Парламент вчера го усвои буџетот за 2019 година, во кој е вклучен и предлогот мигрантите со казнена евиденција да се сместат на остров кој порано се користел за научни експерименти.

Планот наиде на критики кај заштитниците на човекови права, а дел од данската јавност изрази загриженост дека тоа претставува јакнење на антимиграциските ставови.

Островот Линдхолм бил користен како лабораторија за истражување на свински грип, беснило и други заразни болести и место каде биле палени заразените животни. Траектот кој сообраќа до островот се вика „Вирус“.

Данска, каде на власт е коалиција на десен центар, усвои стотина законски амандмани со кои се намалуваат правата на мигрантите. Оттаму велат дека целта за 2019 година е да им се објасни на бегалците дека во Данска можат да останат само привремено. Владата во парламентот упати и предлог за ограничување на спојувањето семејства и намалување на социјалната помош.