Даночните реформи во САД и во Македонија

Никола Поповски

Тоа што се чинеше навидум невозможно деновиве, се случи – властите во САД извршија огромно намалување на стапката на корпоративниот данок на профит (кај нас познат како данок на добивка) и истата ја сведоа од 35 отсто на „само“ 20 отсто. Велиме „само“ бидејќи кај нас и во нашето опкружување, каде што царуваат даночни стапки на добивките во границите од околу 10 отсто може да се протолкува дека и 20 отсто е висока стапка. Едновремено, новата легислатива им овозможи на корпорациите да ги зголемат стапките со кои ја пресметуваат амортизацијата на своите основни средства и со тоа таа да биде многу побрза со што на истите им овозможува значително да ја намалат основицата по која се оданочуваат. Имено, тие ќе можат да ги отпишуваат своите основни средства веднаш и тоа во висина од 100 отсто за во првите 5 години (досега беше 50 отсто). По тој основ ќе им се намалува добивката и тие ќе плаќаат уште помали износи на корпоративен данок. Направени се и многубројни други промени во сферата на оданочувањето на корпорациите и персоналните доходи во надолна насока.
Ефектите од овие даночни реформи во САД ќе бидат суштински. Прво, фискалниот ефект од реформата се проценува на околу 1.500 милијарди долари помали буџетски приходи. Со оглед дека фискалните расходи во суштина не се намалени, треба да се очекува дека дефицитот на општата влада значително ќе се зголеми во иднина, а со тоа и јавниот долг што во САД и онака го надмина прагот од 100 отсто од висината на БДП уште во 2012 година и денес тој изнесува околу 104 отсто од БДП. Претпоставка е дека во иднина излезот ќе се бара во сериозно кратење на дополнителните трошоци за јавна здравствена заштита на посиромашните и постарите лица, што во минатото ги воведе претходната власт, а мерката популарно беше наречена „Обамакер“.
Од овде произлегува и вториот ефект, а тоа е дека даночната реформа ќе биде врз грбот на посиромашниот дел од населението што значи дека социјалните разлики би требало се зголемуваат. Размислувањата дека состојбата на посиромашните ќе се подобри преку ефектот од поголемите добивки по оданочување што ќе им останат на компаниите, а што преку поголемите инвестиции можат да се претворат во нови работни места е исклучен, од проста причина што невработеноста во САД е на најниско ниво во последниве 10 години и изнесува само 4,1 отсто во ноември оваа година. Соодветно на тоа и нови доходи на посиромашните и невработените од креирање на нови работни места се исклучени бидејќи работни места и без тоа има доволно. Даночната реформа веројатно ќе заврши како нова редистрибуција на доходот во корист на сопствениците и продлабочување на социјалните разлики во корист на поимотните, особено високата средна класа и високата класа.
Третиот ефект се смета дека би бил подигнување на растот на економијата за дополнителни 0,1 до 0,3 отсто годишно само по овој основ. Тешко е да се претпостави дали пресметките ќе се точни и дали тоа е толку важно за економијата. Сепак, не треба да се заборави дека се работи за релативно големи ефекти на подолг рок а евентуалниот дополнителен раст на БДП би бил за околу 16 до 50 дополнителни милијарди долари годишно. Да потсетиме дека тоа е еквивалент на околу 1,5 до 4,5 годишни БДП на Македонија.
Четвртиот ефект е дека треба да се очекува големо охрабрување на домашните, но и на странските инвеститори, како и уште побрз раст на акциите на корпорациите на берзите, а со тоа и на самите берзански индекси, кои и онака во последниве 12 месеци стрмоглаво растат.
Конечно власта на претседателот Трамп се потпре на најтврдокорните неолиберални сфаќања и соодветните економски политики и со тоа го одбележа своето претседателствување во првата година.
Нашата власт се смени 4,5 месеци по онаа во САД. И нашата најави некои позначајни даночни реформи, но тргна со поскромна реализација. Кон крајов на годината може да се констатира дека најавените поголеми даночни реформи компромисно ги одложи дури за почетокот на 2019 година иако тие не се од преголемо суштинско значење бидејќи данокот на добивка воопшто нема да се менува, а кај персоналниот данок ќе се воведе уште една, дополнителна и повисока даночна стапка од веројатно 15 или 18 отсто на примањата над 60.000 денари месечно или на примањата од над 1 милион денари годишно. Јавноста сè уште не знае како ќе изгледа конечната промена. Сепак, таа нема да се однесува на повеќе од 2-3 отсто од лицата со персонални примања во Македонија. Промени ќе има и кај нивото на платените придонеси за здравствено и пензиско осигурување кај оние обврзници што имаат месечна плата од над 12 просечни месечни плати во Македонија. Нивната маргина се зголемува со плаќање на придонесот по пропишаната стапка до нивото од 16 просечни месечни плати исплатени во Македонија.
Од друга страна, еден ненајавен данок, а тоа е акцизата на дизел-горивата, се зголеми. Таквата промена во поголема мера ќе се одрази само на некои граѓани, а во помала мера на сите. Ефектите од оваа промена врз буџетот ќе бидат ограничени, иако не и неважни (околу 35 милиони евра), но веројатно со неа ќе се постигнат и некои други подолгорочни ефекти, како што на пример е преориентацијата кон поголема потрошувачка на бензин наместо сегашната на дизел.
Дополнително, една друга изборно најавена и веќе набрзина поднесена на усвојување до Собранието е соодветната даночна промена во оданочувањето на индивидуалните земјоделци со персоналниот данок на доход од земјоделска дејност. Оваа реформа отскокнува од другите бидејќи не е општа, туку е секторска. Насочена е само кон земјоделството и земјоделците. Таа спаѓа во редот на т.н. селективни даночни мерки, кои кај економистите со пазарна ориентација се многу непопуларни. Имено, преку неа, а со измените на Законот за персонален доход, на сите оние земјоделци на кои земјоделството им е основна дејност и кои имаат годишен приход до 1 милион денари, персоналниот данок што во текот на годината им се задржува, ќе им биде вратен во целина. Границата досега беше на нивото на годишни приходи од 300.000 денари. Со новата мерка ќе се опфатат дури 65.000 земјоделски домаќинства на кои на почетокот на секоја наредна година на нивната сметка ќе им се уплатува износот што е еднаков на задржаниот данок во претходната година. Фискалниот ефект од ова се проценува на околу 7 милиони евра во корист на индивидуалните земјоделци со соодветен приход.
Ако се споредат двете парцијални даночни реформи во САД и во Македонија во оваа година, лесно може да се забележи дека и двете имаат изразен ефект на одредена редистрибуција на доходот кон одредени слоеви на населението, но во обратна насока. Реформите во САД се доминантно насочени кон редистрибуција на доходот меѓу слоевите на населението според нивото на доход што тие го остваруваат, а во Македонија истите имаат и силна секторска компонента преку изразената селективна даночна политика. Која реформа ќе биде подобра и поуспешна, никогаш нема да знаеме, бидејќи двете имаат различни цели.

Авторот е професор и поранешен министер