Данокот на војните на Путин


Андерс Аслунд

Војните се скапи, а Русите сега го научија тоа. Кремљ си брка воени авантури во Источна Украина и во Сирија и, иако овие конфликти имаат ограничен обем и досег, ќе се прашате дали земјата навистина може да си ги дозволи.

Како 11. најголема економија во светот, Русија може да се снајде, краткорочно гледано. Меѓутоа, на долги патеки е сосема друга работа. Од 2008 до 2016 година Русија ги зголеми воените трошоци од 3,3 отсто од БДП – што отприлика се совпаѓа со моменталното ниво на САД – на 5,3 отсто, според уважениот Меѓународен истражувачки институт за мир во Стокхолм.

Според фискалните статистички податоци на руската влада – кои на големо изненадување остануваат достапни – трошоците за цивилите на окупираниот Кримски Полуостров достигнуваат околу две милијарди долари годишно. И иако нема јавни податоци за руското присуство во Источна Украина, можеме слободно да претпоставиме дека трошоците таму се горе-долу исти, што би значело дека Русија троши четири милијарди долари годишно – 0,3 отсто од БДП – само на овие две операции.

Сепак, покрај воените трошоци, Русија, исто така, ги понесува трошоците за пропаднатата трговија и инвестиции, како и за санкциите што ескалираа, што е повеќе од доволно за да се осуди земјата на стагнација сè додека траат нејзините војни. Во јули 2014 година, САД и ЕУ им наметнаа санкции на руските сектори за финансии, нафта и гас, како и одбранбени технологии, како одговор на нејзината воена агресија во украинскиот регион Донбас. Засега, овие мерки беа ефикасни. Во глобалните финансии, доларот е крал. А со оглед на тоа дека секој долар поминува низ американските банки, трансакциите во долари се на крај под јурисдикција на Државната благајна на САД. Преку финансиските санкции, САД би можеле да ја изгладнат Русија за странски инвестиции.

Во август 2015, ММФ процени дека санкциите на Западот веднаш ќе го намалат реалниот (инфлациски приспособен) БДП на Русија за еден до 1,5 отсто. Среднорочно, ММФ заклучи дека санкциите би можеле да доведат до кумулативни загуби во производство… од најмногу 9 отсто од БДП, со оглед на тоа дека помалата акумулација на капитал и трансфер на технологии го ослабуваат и онака намалениот раст на продуктивноста.

Откако беа отсечени од доларот, руските корпорации немаа друг избор освен да го платат долгот како што следуваше. Како резултат на тоа, вкупниот надворешен долг на Русија се намали од 732 милијарди долари во јуни 2014 на 519 милијарди долари во декември 2015 година и оттогаш е застанат на речиси тоа ниво.

Истовремено, девизните резерви на Русија се намалија од 510 милијарди долари на крајот на 2013 година, на најниско ниво од 356 милиони долари во март 2015 година. Оттогаш, закрепнаа на 458 милијарди долари, благодарение на стабилниот и обемен суфицит на тековни сметки на Русија. Меѓутоа, од 2015 до 2017 година, директните странски инвестиции во Русија изнесуваа, во просек, помалку од 2 отсто од БДП годишно – речиси двојно помалку отколку во изминатите години – што беше одраз не само на намалените инвестиции, ами и на намалениот увоз на технологии.

Низ сето ова, Русија успеа да одржи макроекономска стабилност и надворешен баланс, но претрпе помал пад во производството и голем пад во стандардот на живеење. Во четирите години под санкции, од 2014 до 2017, реалните расположливи приходи паднаа за 17 отсто, а инвестициите се намалија за 12 отсто, иако БДП во овој период се намали само за 0,5 отсто.

Во меѓувреме, Русија и Украина си наметнуваа сè поголеми трговски санкции една на друга. Како резултат на тоа, нивната заемна трговија се намали за 80 отсто во периодот од 2012 до 2016 година. Трговската војна полошо се одрази на Украина; но и Русија изгуби значаен извозен пазар и голем извор на увезена воена опрема. Русија го изгуби најголемиот потрошувач на енергетика – Украина нема увезено природен гас од Русија од ноември 2015 година.

Замрзнувањето на рускиот имот и сметки во Крим и Донбас исто така скапо се одрази. На пример, врз основа на билатералниот договор за инвестиции на Украина и Русија од 1998 година, украинските компании поднеле најмалку осум тужби против Руската Федерација пред Постојаниот арбитражен суд во Хаг. Само украинскиот енергетски гигант „Нафтогаз“, кој е во државна сопственост, и неговите подружници, бараат седум милијарди долари отштета, а Ошад банк, Приват банк и „Укранафта“ бараат надомест од по една милијарда долари. Една тужба на група украински компании веќе има пресуда во нивна корист, а и останатите најверојатно ќе поминат исто. Со ова темпо, нелегалните присвојувања на Русија најверојатно ќе ја чинат најмалку 10 милијарди долари.

„Нафтогаз“, исто така, поднесе успешна тужба против рускиот енергетски гигант „Газпром“. Во февруари, Арбитражниот суд во Стокхолм донесе пресуда дека „Газпром“ мора да му плати на „Нафтогаз“ 2,56 милијарди долари отштета за кршење на претходен договор меѓу двете компании. „Газпром“ одбива да плати, а „Нафтогаз“ одговори со гонење на имотот и активите на компанијата во странство. Тоа што „Газпром“ одби да не ја почитува одлуката на судот навистина скапо ќе го чини.

Со оглед на тоа дека на повидок нема решение за конфликтот со Украина, најверојатно санкциите ќе продолжат долгорочно. Се чини дека санкциите се лепат на санкции бидејќи конфликтите поради кои се изречени обично само се шират и се зголемуваат. На пример, во април годинава, САД наметнаа дополнителни санкции како реакција на руското мешање во претседателските избори во САД од 2016 година.

Овие нови мерки тешко ги погодија руската рубља и берзата на акции. А сега, американскиот Конгрес почна нова офанзива, по сомнителниот самит на Путин и Трамп во Хелсинки одржан летово. Откако лани го спроведоа Законот за спротивставување на американски непријатели преку санкции, двопартиската конгресна коалиција наскоро ќе одобри уште построги санкции што најверојатно ќе се одразат на рускиот владин долг и финансиските институции во државна сопственост. Самата закана за нови санкции од САД веќе се одразува негативно на руската берза.

Иако годишната стапка на раст во Русија е заглавена на анемични 1,5 отсто, годишните трошоци за цивили и правни работи поврзани со нејзините воени агресии сега изнесуваат најмалку три до 4 отсто од БДП – или 45 до 60 милијарди долари. Кремљ можеби се снаоѓа засега. Но, порано или подоцна, овие напластени трошоци ќе имаат сериозни политички последици.

(Авторот е висок соработник на Атлантскиот совет во Вашингтон и автор на книгата „Рускиот ортачки капитализам“ – Russia’s Crony Capitalism – која треба да излезе наскоро)