Дамите на „Оушн“ доаѓаат во Скопје!


Компанијата “Варнер Брос” објави дека долгоочекуваното продолжение на филмската триологија за атрактивните грабежи на тимот на Оушн (со познатиот холивудски актер Џорџ Клуни во главната улога во првите франшизи), во киносалите во САД доаѓа на 8 јуни, по што ќе се прикажува и во останатите делови од светот. Овој пат, во филмот насловен “Осумте на Оушн“ тимот го сочинува женска екипа која се подготвува да ја ограби Мет Гала во Њујорк.

Според сценариото, Деби Оушн (Сандра Булок), отуѓената сестра на Дени Оушн (Џорџ Клуни), собира екипа која ќе се обиде да изврши невозможна кражба. Тоа треба да биде грабеж на векот кој би се случил за време на годишната Мет Гала во Њујорк. Нејзиниот прв чекор е да собере совршен тим: Луи, Роуз, Дафне Клугер, Најн Бол, Тами, Амита и Констанс.

Филмот “Ocean’s 8” е режиран од Гари Рос, додека за сценариото тој имал помош и од Оливија Милч. Главните ѕвезди во овој филм се Сандра Булок, Кејт Бланшет, Ен Хатавеј, Минди Колинг, Авквафина, Ријана, Хелен Бонхам Картер и Сара Паулсон. Дејството почнува кога Деби излегува од затвор и почнува да ја собира својата женска банда.

Покрај одличните актерки, Рос успеа во филмот да ја донесе и познатата манекенка Адријана Лима, пејачот Заин Малик, сестрите Кардашиан, како и водителот Џејмс Корден кои ќе се појават во неколку сцени.

Во македонските киносали филмот ќе почне да се прикажува од 14 јуни кога е закажана „лејдис најт“.