Давидовиќ: УБК ги злоупотребила обвинетите од 27 април

Александар Василевски – Нинџа е контраверзен лик кој предизвика внимание во јавноста, но тој е човек, кој како никој пред него јавно зборувал за настаните од 27 април, истакна денеска адвокатот на обвинетиот Звонко Давидовиќ.

-Обвинителството му понуди заштита бидејќи исказот опфати моќни личности, но како и секогаш не се одржа до зборот. Тие што денеска не се во судница се испазарија со обвинителството бидејќи го кажаа она што само ЈО сакаше да го слушне, рече Давидовиќ.

Според бранителот Давидовиќ, обвинителството само со доказот дека Нинџа зборувал телефонски со брат му, кој во тој период му бил обезбедување на поранешниот премиер Никола Груевски и дека го има на снимки пред Дион, сакаат да го обвинат за тероризам. Адвокатот смета дека обвинението на ЈО е само претпоставки и дека за правдата потребни се докази. Додава дека сомнително е тоа што обвинителството селективно ги покажува доказите.

Во завршните зборови, адвокатот Давидовиќ рече дека обвинетите, па и неговиот клиент, се жртви на УБК кои го смислиле целиот настан. Тој вели дека можно е Управата да ги формирала и патриотските здруженија со цел да ги употреби за настаните во Собранието.