Грчкото воено воздухопловство ќе ни помага во контролата на воздушниот простор

Можноста грчкото воено воздухопловство да помага во контролата на воздушниот простор (FIR) на Северна Македонија е еден од веројатните договори што ќе се разгледаат, според грчката телевизија Open, како за време на посетата на Алексис Ципрас на Скопје, така и за време на постата на министерот за одбрана на Грција, што според истите информации, би следела по онаа на грчиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.

Телевизијата Open објави дека практично, оваа соработка би значело дека доколку се наведе сомнителен случај со непозната авио трага во воздушниот простор на Северна Македонија, тогаш „грчките воени авиони ќе бидат повикани од соседите да се доближат до непознатата трага и да проверат за што станува збор”.

Според телевизијата, станува збор за вообичаена пракса меѓу земјите сојузници на НАТО, кога една држава ги нема неопходните средства, тогаш друга помага. Ваква пракса постои за FIR на Албанија и Црна гора, каде што помагаат Грција и Италија.

Како што веќе објави МИА, посетата на Алексис Ципрас на Скопје се планира за почетокот на следнот месец, а иако грчките медиуми го споменуваат 2 април како можен термин, сепак според информациите на дописничката на МИА од Атина, точниот датум се уште не е одреден.

Самиот Ципрас, при обраќањето на економскиот форум во Делфи рече дека во Скопје ќе допатува со бизнис делегација, но и министри од неговата влада.

Според Open, неколку дена по посетата на Ципрас на Северна Македонија, во Скопје ќе пристигне министерот за одбрана на Грција , Евенгелос Апостолакис за да се разгледаат можностите за билатерална одбранбена и воена соработка, како што се заеднички воени вежби, размена на студенти од воените академии и сл.