Грчки медиуми со детали од заканите до Коѕијас: Имаме три куршуми, по еден за секоја Македонија


„Имаме три куршуми, по еден за секоја Македонија“, пишувало, според грчките телевизии Стар, ЕРТ и Скај, во дописот со закани испратен завчера до шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. Освен ова, јавува дописникот на МИА од Атина, според истите извори, било откриено и второ писмо што било адресирано до уште тројца министри во грчката влада.

„Имаме три куршуми спремни за тебе и за твоето семејство. По еден за секоја Македонија“, пишувало, меѓу другото, во првиот допис, според грчките телевизии, рачно напишан без потпис.

Второто писмо се однесувало на пратениците, а било наменето и за министерот за одбрана Панос Каменос, министерот за правда Ставрос Кондонис и министерот за образование Костас Гавроглу.

„Триста пратеници во парламентот се предавници. Да влезат војската и полицијата во парламентот“, напишал анонимниот испраќач.

Како што вчера објави МИА, за првиот допис откри министерот за цивилна заштита на Грција Никос Тоскас, во интервју за грчката телевизија Антена

„Никос Коѕијас ги води преговорите со маестрални потези со насоките што ги добива од премиерот, а климата не ја одредуваат ниту радикалните гласови од една или друга страна, ниту дописите што некои се осмелија да ги пратат до министерот за надворешни работи и да говорат за три куршуми и закани, рече Тоскас во интервјуто.

Никос Коѕијас веднаш реагираше преку неговиот твитер профил.

„Со години, конкретниот систем, весници и телевизии ме клеветат за да ме земат на нишан. Им пречи што никој не ме задржува. Тие се моралните сторители на заканите по физичкиот интегритет и по мојот живот. Очекувам недвосмислена осуда од Нова демократија и Светиот синод, напиша Коѕијас на твитер.

Заканите до Коѕијас ги осудија сите грчки партии.