Грчкиот Врховен суд утре со одлука за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски

По последното сослушување, зад затворени врати на 27 април, Врховниот суд во Атина, утре ќе ја соопшти одлуката по поднесената жалба за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски.

Откако солунскиот суд на 5 јануари годинава даде зелено светло за екстрадиција, Врховниот суд во Атина веќе одржаа четири рочишта.

Првото, на 16 февруари беше одложено, бидејќи немаше преведувач од македонски на грчки и обратно, но и поради тоа што грчките адвокати немале доволно време да го разгледаат предметот. Второто, по две недели, повторно беше одложено, затоа што беше отсутен еден од адвокатите, а судењето почна на 9 март, зад затворени врати, и беше прекинато поради правни прашања и продолжи на 27 април, кога и заврши и беше најавено дека одлуката ќе биде соопштена на 18 мај.

За Грујевски и Бошковски во Грција се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.

Едниот е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето, по три одложувања, е закажано за денес, но со оглед на тоа дека Бошковски и Грујевски се во Атина, ќе се одреди нов термин.

Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември. Сослушувањето пред комисијата за азил во Солун беше закажано за 15 февруари, но одложено, поради тоа што тие се наоѓаа веќе во Атина.

Третиот е по македонското барање за екстрадицијата, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалба против одлуката на судот, за случајот да го разглед Врховниот суд во Атина.

Во овој момент, приоритет има Врховниот суд, односно соопштувањето на одлуката, а дури потоа ќе се одредат датумите за другите два процеси, тоа за фалсификуваните патни исправи и барањето за азил.

Горан Грујевски и Никола Бошковски од 13 февруари по нивното пренесување од Солун во Атина, се наоѓаат во атинскиот затвор „Коридалос“.