Грчката полиција спречила обид за атентат врз Ердоган

Грчките медиуми јавуваат дека при крајот на ноември полицијата уапсила деветмина турски левичари кои планирале да го ликвидираат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на неговата неодамнешна посета на Атина.

Уапсените се припадници на Револуционерниот народен фронт (ДХКП-Ц), турска комунистичка група, која е прогласен за терористичка група поради нејзините напади врз турските безбедносни сили и западните дипломати во Турција.

Како што објави весникот „То Вима“, групата подготвувала напад со ракетни фрлачи, рачни гранати и запаливи бомби. Според планот, групата сакала да стрела врз возилото на Ердоган при неговото движење кон Атина. Оружјето било пронајдено закопано во планина источно од Атина.

Ердоган ја посети Грција на 7 декември, што беше прва посета на турски претседател на Грција во последните 65 години.