Грчката партија Река го поддржува договорот од Преспа

За праведен, напреден и одржлив компромис и договор што ги почитува приоритетите и чувствителностите на двете страни, говори пратеникот од грчката партија Река, Спирос Данелис, во интервју за МИА, во однос на Договорот од Преспа.

Централно и централно- левичарски ориентираната партија Река ќе го поддржи договорот кога ќе дојде за ратификување во грчкиот Парламент, а Данелис изразува убеденост дека ќе постои парламентарно мнозинство.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, пратеникот од Река кој во 1992 година јавно се постави против протестите и слоганите дека „Македонија е една и грчка“,  вели дека со Договорот од Преспа, и двете страни ги добиле оние елементи што ги сметале за најважни, името за грчката страна, државјанството и јазикот за македонската. Додава дека во изминатите 27 години се изгуби огромен политички и дипломатски капитал, а единствено корист имаа квазипатриотите

Данелис порачува дека сега двете земји и двата народи имаат можност „да свртат страница, да ги обединат силите и да живеат како вистински пријатели“ и не треба да чувствуваат пораз, бидејќи единствени поразени се национализмот и безизлезните политики.

Господине Данелис, како би го карактеризирале Договорот од Преспа. Ако не грешам, уште од првиот момент по потпишувањето, Вие изразивте позитивен став и рековте дека сте за договорот.

-Да, во право сте. Уште на почеток реков дека сум „за“, бидејќи сметам дека Договорот од Преспа е урамнотежен резултат на еден праведен и напреден компромис. Ги почитува чувствителностите на двете страни и достоинството на двата народи. Реален е и токму затоа е одржлив.

Сметате дека ова е најдоброто нешто што можеа да го постигнат двете страни?

Спирос Данелис- пратеник на Река

-За Грција најважното прашање е името. Односно, прифаќањето дека ПЈРМ не е единствена Македонија, бидејќи географскиот регион на Македонија се протега во Грција, во ПЈРМ и во Бугарија.  Второ е напуштањето на узурпацијата од страна на националистичките кругови на ПЈРМ, на историјата на античка Македонија. Смешни работи,  како Аристотел да пишувал на кирилица или Александар да не говорел грчки. За ПЈРМ, најважен, секако е кохерентниот идентитет. Признавањето на државјанството и јазикот, како основни елементи на самоопределување се најважниот успех на Заев и ја демантираат опозицијата. Паралелно, мудрата научна одредница на јазичното семејство во кое припаѓа македонскиот јазик, ги демантира тврдењата на грчката опозиција за опасност од прифаќање на иредентизмот. Во еден договор кој не е наметнат како резултат на воена победа, заемниот компромис, ги почитува приоритетите и чувствителностите на двете страни, а Договорот од Преспа ова го постигнува.

Потребни беа 27 години за да се затвори отворениот проблем меѓу двете земји. Според вас, задоцни договорот?

-Националистичките кругови од двете земји за лични и партиски интереси го труеја јавното мислење, градејќи лажни непријатели. Во 1991 Грција беше единствена соседна земја без апсолутно никаква претензии кон ПЈРМ, а ПЈРМ имаше секаква причина да вложува надежи кон Грција како кон стабилен пријател кој ќе и помогнеше во нејзината транзиција кон парламентарна демократија и слободен пазар, во нејзино непречено интегрирање во западот.

Се изгубија 27 години на заеднички тек на двата народи кон просперитет и напредок, и двете страни, потрошивме огромен дипломатски и политички капитал, бидејќи дозволивме нешто што не е проблем да стане огромна пречка.

На неколку дена пред референдумот, која е вашата процена за резултатот. Народот, според Вас, треба да гласа „ЗА“?

-Мислам дека граѓаните на ПЈРМ, независно од нивната партиска одреденост сфаќаат колку чинеше изолацијата и доцнењето на заедничкото чекорење со останатите западни земји, во Европската унија и НАТО. Националистичките експанзионистички идеи и иредентизмот никогаш не донесоа корист за никој на напатениот Балкан, напротив ширеа болка и уништување. Имаме можност да свртиме страница, да ги обединиме нашите сили и да живееме како вистински пријатели, во една се понепредвидлива, потешка и позаканувачка меѓународна средина.

Грчката влада се чини дека поентира на Река за да се ратификува договорот. Министерот за надворешни работи, господинот Коѕијас минатиот четврток по средбата со неговиот германски колега рече дека постои мнозинство во парламентот и е јавно изразено и од Река. Река го поддржува договорот?

Спирос данелис- пратеник на Река

-Да, Река уште од првиот момент храбро изјави дека договорот е заемно корисен, може да поддржи едно вистинско пријателство меѓу двата народи, да придонесе во стабилноста на ПЈРМ и на Западниот Балкан во целост и да ѝ дозволи на Грција да се занимава со нејзиниот вистински проблем, нејзините односи со Турција. Сигурен сум дека постои потребното мнозинство за ратификација на договорот во грчкиот парламент.

Вие лично ќе гласате „за“ кога договорот ќе дојде за ратификација во парламентот?

-Уште од прв момент јавно кажав и придонесов за создавање на позитивна позиција во мојата партија. Не ни можев да постапам поинаку кога од 1992 заедно со други 373 граѓани и јас сум автор на историскиот текст под наслов „Грчката Македонија е грчка“, против националистичката струја на масовните протести „Нашето име е нашата душа“ и „Македонија е една и грчка“. Од тогаш, радикалните десничари, но и сите националисти, нѐ нарекуваат предавници, но времето покажа дека сме биле во право.

Според Вас, можни се предвремени избори во Грција поради договорот и поради позицијата на коалициониот партнер во грчката Влада?

-Еден тактички потег на Ципрас за предвремени избори и со веројатна последица  ратификувањето на договорот да се префрли на владата на Мицотакис би ја довело Нова демократија до исклучиво лоша позиција, што најверојатно би резултирало со нејзин расцеп, а веднаш потоа и нови избори. Но, верувам дека господинот Ципрас ќе го финализира историското надминување на отворениот спор што прескапо ги чинеше и двете земји и двата народи кои ништо не ги разделува, а имаат секаква причина да соработуваат во сѐ.

Договорот од Преспа предизвика силни реакции во Грција, како на политичко, така и на општествено ниво. Партиите Нова демократија, Движење за промена и Независни Грци се против договорот, додека пак се одржаа и протести. Очекувавте вакви реакции?

-Се вели дека последното засолниште за секој измамник е „патриотизмот“. И се покажа дека квазипатриотизмот гради политички кариери (судбоносниот господин Самарас стана премиер, како и Груевски во ПЈРМ), но прескапо ги чини народите. Карактеристично е дека аргументите на ВМРО против договорот се идентични со оние на Нова демократија, ПАСОК и Независни Грци. Сите инвестираат во национал- популистичко ласкање на граѓаните на кои со години им се негуваше илузијата на иредентизмот од една и на стравот и континуираната закана од друга страна.

На протестите јасно се покажа кои се обидуваат да го манипулираат јавното мислење и да извлечат корист од чистите патриотски чувства на просечниот граѓанин.

Двата народи не треба да имаат чувство на пораз. Потребно е да чувствуваат дека финализирањето на договорот нема да значи ништо друго, освен пораз за безизлезната политика, што скапо ги чинеше двата народи, пораз за секаков вид на националистичка демагогија, пораз за лесните тактики за партиски интереси и токму ова ќе биде заедничката придобивка за двете општества.