Грчката влада го отфрли предлогот за „Република Илинденска Македонија“

Грчката влада, на индиректен начин, преку ставот дека согласно со предлозите на Нимиц треба да се најде име што ќе има географска или временска одредница,  го отфрли прифатениот предлог од македонска страна за „Република Илинденска Македонија“.

„Го поздравуваме тоа што БЈРМ прифати дека не може да има решение без „ерга омнес“, односно за сите употреби. Сепак, ние ги охрабруваме нашите соседи, да продолжиме да работиме заедно за да се најде заемно прифатливо име со географска или временска одредница, како што е предложено од страна на специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц“, се наведува во  соопштението од  Кабинетот на грчкиот премиер Алексис  Ципрас

Само неколку часа претходно Ципрас ги информираше лидерите на опозициски партии и претседателот на Грција за последниот предлог за името, но не доби подршка за „Илинденска Македонија“. Сите опозициски  лидери го отфрлија предлогот оценувајќи дека со него „ не се елиминира иредентизмот“.