Груевски, Јанкулоска и Поповски на судење за мерцедесот од 600 илјади евра

Во Кричниот суд денеска треба да се одржи рочиште за предметот на СЈО „Тенк“, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

Судијката Добрила Кацарска минатото рочиште го одложи по барањето на адвокатот Богољуб Софрониевски, кој немал доволно време за подготовка, имајќи предвид дека претходниот ден бил ангажиран како бранител на Ѓоко Поповски.

Обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов посочи дека сите обвинети мора да ги добијат своите права, но тоа да не се случува во иднина, бидејќи се одолговекува постапката.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Возилото од Министерството требало да се даде на користење и на Груевски кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал во јавноста да се дознае.

За набавката на мерцедесот јавноста дозна од разговорите кои ги објави опозицијата.

Апелацискиот суд Скопје на 8 ноември минатата година одлучи прислушуваните разговори за набавката на мерцедесот да бидат доказ во судењето за случајот „Тенк“.