Груевски се појави во судот откако го одложија рочиштето

Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е обвинет во предметот на СЈО „Тракторија“ денеска задоцни на судење, односно дојде во судот 15-тина минути откако судијата Горан Бошевски го одложи судењето за 31 јануари. На излегување од судот тој обвини дека судиите различно постапуваат во случаите што се водат против него и против Заев во истиот суд.

– Денешното рочиште се одложи и како што може да се види во случајот на Заев судиите му се извинуваат што го малтретираат да дојде на рочиште и ги закажуваат рочиштата на многу долги периоди, во овој случај имаме различна ситуација, рече Груевски пред судот.

Прво, како што истакна, измислија причини за истраги, а потоа и обвиненија без каква било основа.

– Потоа, кога видоа дека нема никакви докази, а имаат обвиненија, почнаа да вршат притисоци врз судии. На некој начин давањето на 15 судии на Совет за факти за разрешување требаше да внесе страв кај судиите и веројатно внесе кај некои од нив, рече Груевски.

Посочи дека бил извршен и притисок врз Апелацискиот суд да ги прифати монтираните разговори како докази, иако, како што рече, Законот многу јасно и недвосмислено покажува дека тоа не може да бидат докази во доказна постапка.

– Кога сфатија дека и тоа не е доволно одлучија да ги менуваат судиите и да ставаат нови судии и можеме да претпоставиме под кои критериуми, рече тој обвинувајќи дека се случува политички прогон.

Прашан за новоотворената истрага за „Странски служби“, Груевски рече дека не знае и оти не е во тек со тоа.

– Нека си вршат истраги какви сакаат, немаме од што да стравуваме, изјави Груевски.