Груевски му останал должен на Шилегов четири милиони евра


Поранешната влада му останала должна околу четири милиони евра на Град Скопје. Неисплатените пари се отштета кон Градот за неговиот основачки удел во спортскиот комплекс „Борис Трајковски“, кој од градска сопственост премина под државна капа.

Иако во неколку наврати Владата и Градот потпишале спогодба за сервисирање на долгот, и после неколку години на сметката на градските власти не е легнат ниту денар. Сегашната градска власт наследила сѐ уште важечки, но не испочитуван договор. Тече времето за исплата на долгот, кој сега треба да го сервисира владата на Зоран Заев.

„Советот на Град Скопје има донесено две одлуки за наплата на сопственички удел во спортската сала  ВИП-арена ‘Борис Трајковски’ во износ од 260 милиони денари, со кои се регулираше рокот и начинот за исплата на уделите. Поранешниот градоначалник и поранешната влада потпишале меморандум со кој е договорено уделите на градот во истиот износ да се исплатат најдоцна до 2019 година. Досега нема уплатено средства по оваа основа“, информираат од Град Скопје.

Ова е втор договор за исплата на отштетата, откако претходната влада не го испочитува првиот потпишан во 2009 година. Со него беше предвидено парите да се исплатат на четири еднакви рати, заклучно со 2016 година.

Во изминативе години за долгот нерадо зборуваа градоначалникот Коце Трајановски и од Владата. Во неколку наврати го актуализираше тогашната опозиција и тоа на седници на советнички прашања на Совет на Град Скопје. Случајот беше на удар на јавноста, а лавина критики се испраќаа на владина адреса.

„Значи, имаме заштедено пари, тоа е добро, исто како да ги чуваме во банка“, често одговараше градоначалникот Трајановски. Во меѓувреме, Градот секоја година дури и го планираше долгот како сигурен приход во буџетот. Но залудно. Од Владата за невратениот долг најчесто се правдаа дека имале и така премногу давачки за Град Скопје, па парите за салата можеле и да почекаат.

СРЦ „Борис Трајковски“ почна да се гради на почетокот на 2004 година, со пари од градскиот буџет, во времето на градоначалникот Ристо Пенов. Тој тогаш го најави како еден од неговите капитални проекти и требаше да се реализира за една година. Но рокот неколкупати се проби поради проблемите на терен. Уште на почетокот, на копањето на темелите, изби вода, градилиштето се поплави и се создадоа непредвидени трошоци од околу еден милион евра.

Започнатиот проект го продолжи градоначалникот Трифун Костовски. Всушност, во негово време Град Скопје и Владата потпишаа договор за примопредавање на салата. Беше формирано заедничко друштво „Борис Трајковски“ кое раководеше со објектот, а секој од инвеститорите доби соодветен број акции во него, според парите што ги вложил. Откако објектот премина под државна капа, Владата се обврза да му плати отштета на Град Скопје за уделот што локалната власт го имала во изградбата.

Деспина Трајковска-Димова