Груевски и Јанкулоска дојдоа во суд за „Тенк“

Поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, попладнево дојдоа во Кривичниот суд на првото рочиште за предметот на СЈО „Тенк“, осносно набавката на луксузниот мерцедес вреден 600 илјади евра.

Веднаш на почетокот, адвокатот Богољуб Софрониевски побара од судијката Добрила Кацарска да го одложи рочиштето бидејќи немал доволно време за подготовка, имајќи превиод дека и вчера бил ангажиран како бранител на Ѓоко Поповски.

Адвокатот на Груевски и на Јанкулоска, Димитар Дангов, пак, даде приговор во досно на снимањето на рочиштето.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Возилото од Министерството требало да се даде на користење и на Груевски кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал во јавноста да се дознае.

За набавката на мерцедесот јавноста дозна од разговорите кои ги објави опозицијата.

Апелацискиот суд Скопје, како што објави МИА, на 8 ноември одлучи прислушуваните разговори за набавката на мерцедесот да бидат доказ во судењето за случајот „Тенк“.