Груевски или во затвор или ќе му застари делото

Луксузниот „мерцедес“, што го набави претходната власт по нарачка на поранешниот премиер Никола Груевски, на крајот на месецов повторно „влегува“ во судница. Апелацискиот суд закажа јавна седница на 30 и 31 август на која ќе се расправа за жалбите на одбраната на Груевски на пресудата.

Судијката Добрила Кацарска пред неколку месеци го осуди Груевски на две години затвор за набавката на „мерцедесот“, но оваа пресуда сè уште не е правосилна. Откако ќе се разгледаат жалбите на одбраната за оваа пресуда, Апелацискиот суд треба да донесе одлука која, според правните толкувања, ќе биде извршна, односно правосилна. Апелацискиот суд сега има три опции, да ја потврди пресудата, да ја преиначи или да го врати предметот на повторно одлучување во зависност од нивната оценка како течело судењето пред првостепениот суд.Според толкувањата на правниците, токму Апелацискиот суд треба да одлучи дали Груевски ќе оди во затвор или кривичното дело ќе застари.
„Доколку Апелација ја потврди пресудата, во тој случај таа станува правосилна и нема опција за жалба до Врховниот суд во таа ситуација. Сепак, има можност за вонредни правни лекови и тие можат да се вложат само против правосилни пресуди. Одбраната ќе има можност да ја преиспитува пресудата преку вонредни правни лекови пред Врховниот суд, но бидејќи немаат право на редовен правен лек на жалба, доколку Апелација ја потврди пресудата, тоа значи дека би била правосилна односно би можела да се изврши“, велат од „Коалиција сите за правично судење“.
Сепак, доколку Апелацискиот суд не ја потврди пресудата, има голема веројатност предметот да застари бидејќи за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание е предвидена затворска казна од една до три години. Делото застарува кога ќе поминат двапати од највисоката предвидена казна, во случајов тоа се шест години. Делото според обвинението е направено во 2012 година, па сега веќе изминува последната година.
„Оваа година, односно во октомври, би требало да настане апсолутно застарување на делото. Во секој случај, се смета дека не може да се продолжи со гонењето. Ако не заврши до октомври, нема да се заврши никогаш“, велат од Коалицијата. Правниците објаснуваат дека одлуката што ќе ја донесе Апелацискиот суд е извршна, но не и конечна.
„Одбраната сигурно потоа ќе бара вонредно преиспитување на правосилната пресуда. Пресудата ќе биде извршна, но не и кончена. Пресудата е конечна кога ќе се исцрпат сите редовни и вонредни правни лекови“, велат правниците.
Во овој случај има и друго толкување кое го изнесе судијката Добрила Кацарска, која при соопштувањето на пресудата истакна дека кривичното дело не застарело бидејќи во меѓувреме Груевски се гонел за кривични дела сторени на понов датум, што значи дека застареноста прекинала.Сепак, конечната одлука за овој случај ќе ја соопшти Апелацискиот суд кој законски одлуката треба да ја донесе за 15 дена од одржувањето на седницата или за 60 дена кога одлучува во посложени случаи.
Поранешниот премиер Никола Груевски во мај беше осуден на две години затворска казна за примање награда за противзаконито влијание во случајот „Тенк“. Ѓоко Поповски, поранешниот помошник-министер за внатрешни работи, беше осуден на казна затвор од 6 години и 6 месеци за злоупотреба на службена положба и заврши во притвор. При изрекувањето на пресудата Груевски не дојде во судницата, а пред судот дојдоа мала група демонстранти, кои протестираа против пресудата.
Во овој случај е обвинета и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но неа ѝ се суди во одвоена постапка. Судијката Добрила Кацарска на поранешната министерка ѝ закажа дваесетина рочишта, а првото е на 29 август.
Фросина Факова – Серафиновиќ