Груевски излета од првиот тим на ВМРО-ДПМНЕ

Шест часа откако експремиерот Никола Груевски беше осуден на двегодишна затворска казна поради набавката на луксузниот „мерцедес“, неговиот наследник на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, седна спроти  премиерот Зоран Заев во ТВ-дебата. Во два и полчасовната бледа дебата, во која како да имаше договор за ненапаѓање, ниту во еден момент не беше спомената пресудата на судијката Добрила Кацарска, небаре станува збор за крадец на автомобили, а не за поранешен претседател на Владата на Македонија. Пред зградата на Кривичниот суд имаше симболичен протест на неколку десетици граѓани, незадоволни од судството што два дена претходно го ослободи Заев, а немаше милост за Груевски.

Почесниот претседател на најголемата опозициска партија нема да зборува ниту на претстојниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ, закажан за 2 јуни во 20 часот пред седиштето на Владата. Според нашите информации, единствен говорник пред присутните ќе биде актуелниот лидер кој, меѓу другото, ќе побара предвремени парламентарни избори и паѓање на Владата. Се очекуваат десетици илјади граѓани од целата земја, ќе има организиран превоз од градовите во внатрешноста, а поддршка се бара и од неопределените и разочараните гласачи на СДСМ, кои една година по смената на власта сметаат дека се излажани и дека од предизборните ветувања нема ништо. Под мотото „Македонија ќе победи“, ќе се протестира за, како што се тврди, неспроведените реформи, за уништувањето на економијата и лицитацијата со националните интереси. По митингот, најавени се голем број теренски активности и средби со населението, но во ниту една од нив не е предвидено активно учество на Груевски, кој веројатно најмногу од времето ќе помине во судниците.

Дали чекор по чекор новото раководство расчистува со хипотеките од минатото или двоецот Груевски-Мијалков, кој застана зад Мицкоски пред декемврискиот конгрес во Валандово, предизвикувајќи раскол во партијата и гнев кај останатите претенденти за претседателската фотелја, сѐ уште ги држи клучевите од „белиот дворец? – е прашањето што го мачи вмровското милје. И не само нив.

Професорот Јове Кекеновски, кој е член на партијата од 1990 година, а сега е дел од фракционерското крило, вели дека одамна предвидел оти Груевски со Мицкоски ќе помине како Иво Санадер со Јадранка Косор. Влечејќи ја паралелата со ХДЗ-хрватската сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, Кекеновски сака да напомене оти по повлекувањето на Санадер, Косор беше фаворизирана да го наследи на лидерското столче, а потоа крена раце од него и го остави сам да се справува со големиот број судски процеси.

„Сепак, не сум сигурен дека Мицкоски е ослободен од влијанието на Груевски и на Мијалков, од причина што во целиот Извршен комитет поставен неодамна се нивни луѓе и на Миле Јанакиески, кој е во блиски односи со поранешниот премиер. Таму во ИК нема случајни луѓе, сите се ставени да работат за интересите на двоецот Груевски-Мијалков. И во Централниот комитет седи истиот состав како порано, така што ќе треба да помине време за да се промени таа структура. Поради тоа, рано е да зборуваме за целосно ослободување од нивните стеги, ниту, пак, препознавам сериозни обиди за такво нешто. Но, сигурен сум дека тоа ќе се случи еден ден, можеби по втората пресуда што ќе му биде изречена на Груевски“, анализира Кекеновски.

Сите овие пет месеци откако е на чело на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски се обидува елегантно да ги избегнува прашањата за влијанието на Груевски врз него, признавајќи оти со задоволство слуша мислења од сите добронамерници и од сите што имаат што да го советуваат, но оти никому не должи ништо. Во партијата велат дека се забележливи промените во однесувањето, но оти за конечен „фејслифтинг“ е потребно време, особено што сега се соочуваат и со внатрешни и со надворешни проблеми, па ќе треба умешност да се изменаџираат, за ВМРО-ДПМНЕ повторно да застане на нозе и да дојде до власт. Пресудата против Груевски ја оценуваат како смешна, затоа што нема никаква штета од купувањето на „мерцедесот“, кој и натаму е сопственост на државата.

„Пресудата има за цел Никола Груевски, симбол за зачувување на националниот интерес, привлекување инвестиции, реформи, зголемување на платите и пензиите, социјалната помош, градби, да се засени и да биде политички дисквалификуван. Македонската јавност се убеди дека во Македонија се водат чисто монтирани политички процеси“, рече потпретседателот Александар Николоски, порачувајќи му на Заев дека „клиентелистичкото судство утре ќе се смени“ при промената на власта и ќе му се одбие од глава.

ВМРО-ДПМНЕ ниту еднаш не се огради или не ги осуди политиките на поранешното раководство и вешто одбегнува сатанизирање на ликот и делото на Никола Груевски. Сепак, на ниту една од вратите во раскошното седиште на партијата нема врата со негово име и презиме. Канцеларијата на експремиерот е сместена во соседниот објект „Палома бјанка“. Нема никакви ознаки и симболи, малкумина знаат дека таа канцеларија му припаѓа на Груевски. Во неа се собираат неговите пријатели и поддржувачи. Новото раководство има отворен пристап до европските и светските центри на моќ, за разлика од довчерашната изолација на стариот тим. „Неверниците“ ќе речат оти тоа е само маска за да се придобие наклонетоста на Брисел и на Вашингтон и дека Мицкоски е само марионета на Груевски. Другите, пак, ќе се присетат дека во 2003 година, тогашниот лидер во заминување – Љупчо Георгиевски побара партиските делегати да му дадат поддршка на талентираниот економист Никола Груевски. И Георгиевски тогаш беше прогласен за почесен претседател. Набргу беше стигматизиран и принуден да направи нова партија.

Горан Адамовски