Груевски: До скоро не познавав ниту еден судија

– Уште од првото рочиште беше јасно дека судијката решила да ме осуди, изјави поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во вечерашното кусо интервју на Сител.
Зборувајќи за неодамнешната пресуда против него за случајот со луксузниот мерцедес, Груевски обвини дека судијката од старт настапила со став дека мора да го осуди, независно од доказите и исказите на сведоците во постапката.
Груевски, кој во средата доби првостепена пресуда од две години ефективен затвор за случајот „Тенк“, ја обвини судијката за пристрасност кон Специјалното јавно обвинителство и за арогантен однос кон обвинетите.
Според него, премиерот Зоран Заев уште одамна ја објавил пресудата за, како што рече, монтираниот случај со мерцедесот.
„Заев предвреме ја објави пресудата. Живееме во време кога судството е целосно заробено, под контрола на власта. Така не беше во мое време. Јас лично до скоро не познавав ниту еден судија во мојот живот. Главно, се знаев со луѓе од моите сфери – од областа на политиката и економијата, рече Груевски.