Груевски го повика Заев да се повлече од политиката

Поранешниот премиер Никола Груевски, сепак, стигна на собраниската седница за интерпелацијата против Владата и се појави на говорницата како последен дискутант на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски го повика Заев да се повлече од политиката пред, како што рече, штетите од неговото владеење да бидат преголеми. Според Груевски, Заев од премиерскиот кабинет кроел планови како да побегне на претседателската функција на изборите следната година.
„Дека денот по утрото се познава се виде уште со нелегалниот избор на претседателот на парламентот“, рече Груевски.
Тој обвини дека актуелната влада се фали со инвестиции што биле договорени во негово време.

Груевски се појави парламентот приквечер, откако повеќе часови помина во Кривичниот суд, како обвинет во случајот „Тенк“. Тој бараше одложување на рочиштето за да присуствува на седницата за интерпелацијата, ама судијата не се согласи.

Пратениците од мнозинството повеќе пати побараа од говорницата нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ да се оградат од Груевски за нивните критики кон Владата да бидат легитимни.