Груби поканил 400 гости за презентација на Извештајот на ЕК

Дури 400 гости поканил претседателот на собраниската Комисија за европски прашања (КЕП) Артан Груби од ДУИ на утрешната седница за презентација на најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, во кој се „брише“ условеноста на препораката за почеток на преговори со ЕУ. Тоа е импресивна бројка со оглед на тоа што македонскиот парламент брои 120 пратеници, а на досегашните презентации на европските извештаи пред матичните собраниски тела главно присуствуваа не повеќе од 50 до 60 гости.
Дел од собраниските служби денеска имаа полни раце работа за да ја подготват новата голема сала во парламентот, каде што ќе се одржи презентацијата на Извештајот, за разлика од порано кога извештаите на ЕК, главно, се разгледуваа во далеку поскромната уставна сала. Сепак, во текот на денешниот ден, остана неизвесно дали на седницата на КЕП ќе има претставници на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која смета дека презнтацијата на европскиот Извештај требало да ја организира Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) со кој претседава поранешниот шеф на дипломатијата Никола Попоски.

Груби, пак, вели дека седницата на Комисијата за европски прашања била закажана пред враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, по петмесечниот бојкот. Тој потоа комуницирал со членовите на НСЕИ за да се приклучат во разгледувањето на Извешајот, но не добил одговор.
Како што посочува Груби, првото комисиско разгледување на извештај на ЕК е реализирано во 2004 година, преку КЕП, која потоа ги организирала сите презентации на извештаите и откако во 2007 беше формиран НСЕИ. Првата заедничка седница на КЕП и НСЕИ се одржала во 2011 година, но и тогаш со седницата претседавал претседателот на КЕП. НСЕИ, според Груби, единствено претседавал со заедничката седница на двете тела во 2014 година, кога заменик-претседател на Советот беше Илија Димовски од тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, додека СДСМ тогаш беше во бојкот.

На утрешната презентација на Извештајот се очекува да присуствуваат и претставници на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ, како и на повеќе институции во земјава. Извештајот ќе го презентира амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, а свое обраќање ќе има и премиерот Зоран Заев. Заклучни согледувања ќе даде Даниел Сервер од Универзитетот „„Џон Хопкинс“ во Вашингтон, а седницата ќе заврши со усвојување заеднички заклучоци. (А.М.М.)