Гринпис: Антверпен е меѓу најзагадените градови во светот

Белгија-Последните анализи на невладината екологистичка организација Гринпис, базирани на сателитските податоци од Европската вселенска организација (ЕСА) откриваат дека Белгија, и посебно градот Антверпен, се меѓу најзагадените места од азот диоксид (НО2) во светот.

Благодарение на новиот сателит на ЕСА може да се анализираат различните извори на загадување во светот. Организацијата Гринпис врз основа на овие податоци произведе интерактивна мапа која открива Белгија е една од најзагадените земји во Европа. Уште позагрижувачки, градот Антверпен е на исто рамниште со Париз и Буенос Аирес.

Експертите од Гринпис објаснуваат дека една од причините за оваа состојба е пристанишката индустрија, но не е единствена.

-Објаснувањето за силните концентрации на азот диоксид во другите големи градови во Белгија, Брисел, Лиеж, Гент, е присуството на бројни дизел возила како и фактот што во земјата има преголем број возила на патиштата, вели Јури Тејс, експерт за квалитет на воздухот со Гринпис.

Гринпис додава дека анализите на сателитските мапи покажале голема разлика помеѓу загаденоста во текот на недела и за време на викендот, што е доказ дека возилата се вистински проблем за квалитетот на воздухот во Белгија.

Азот диоксидот е еден од најтоксичните гасови и најопасни по здравјето на луѓето. НО2 е еден од главните агенси во формирањето на ПМ2,5 честичките.