Греми 2018: Триумф на Бруно Марс

САД- Бруно Марс и Кендрик Ламар освоија најмногу награди на 60. доделување на музичките награди Греми, на церемонијата која по 15 години повторно се одржа во Њујорк.

Американскиот музичар Бруно Марс беше номиниран во шест категории, за на крај и да освои вкупно толку признанија.

Неговиот албум „24K Magic“ беше прогласен за албум на годината, но и најдобар R’n’B албум, а Бруно, меѓу другите, освои и признанија во категориите за најдобар сингл на годината „24K Magic“, песна на годината и R’n’B песна „That’s what i like“, како и награда за најдобар R’n’B изведувач.

Ед Ширан победи во категориите за најдобар вокален албум и најдобар соло поп изведувач за песната „Shape of You“.Подоцна признанието предизвика несогласувања на социјалните мрежи, бидејќи на многумина не им се допадна тоа што во таа категорија, од пет номинирани, победи тој како единствен маж.

Кендрик Ламар беше номиниран за седум награди, а дома си замина со пет од нив – најдобар рап албум „Damn“, рап песна „Humble“, рап изведувач „Humble“, рап/вокална соработка за дуетот со Ријана во песната „Loyality“ и видеоспотот за „Humble“.

Канадската пејачка Алесија Кара е најдобар нов артист, во еден од ретките триумфи на женските изведувачи. Од вкупно 86 категории, тие победија само во 17.

Леонард Коен, кој почина во ноември 2016 година, посмртно доби Греми за најдобар рок изведувач, а во рок категоријата уште триумфираа „Мастодон“ (метал), „Фу фајтерс“ (најдобра песна – „Бегај“) и „Вор он драгс“ (најдобар албум – „Подлабоко разбирање“).

Најголем губитник на вечерта беше Џеј-Зи. Оваа година тој беше номиниран во најмногу категории, во осум, а на крај не освои ниту една од нив.

Некои од најголемите ѕвезди носеа бели рози на реверите додека чекореа по црвениот килим, во знак на поддршка на движењето #TimesUp и #MeToo.