Граѓаните сами ќе одлучуваат кога ќе имаат евтина струја
Евтината струја што беше воведена од октомври годинава ќе важи до крајот на следната година. Тогаш се очекува целосна либерализација на пазарот на струј, што значи дека секое домаќинство ќе може само да избира од која компанија ќе се снабдува со струја.
Новите снабдувачи нема да бидат обврзани да испорачуваат струја по евтина тарифа од 14 до 16 часот и од 22 до 6 часот наутро, како што е сега. Тие ќе понудат свои пакети и понуди, а граѓаните ќе можат да изберат на каква тарифа на струја ќе сакаат да се приклучат.
– Тоа ќе биде договор помеѓу операторот на дистрибутивниот систем кој ќе мора своите мерни инструменти да ги приспособи на договорот што ќе го имаат снабдувачите со клиентите. Снабдувачите ќе имаат интерес да понудат што е можно подобри пакети на услуги. Тоа е исто како што се случуваше со мобилната телефонија. Снабдувачите ќе мора да бидат инвентивни, да понудат пакети на клиентите кои за нив ќе бидат интересни и атрактивни за да можат да ги задржат како клиенти – истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Оние граѓани што нема да одберат сами да купуваат струја на слободниот пазар ќе добиваат електрична енергија од универзален снабдувач кој ќе го избира државата на тендер.
Од Европската енергетска заедница (ЕЗЗ) го одобруваат новиот закон за енергетика. Според директорот Јанез Копач, тој ќе биде поефикасен и насочен кон потрошувачите и целосно е усогласен со третиот енергетски пакет на ЕУ.
– Лиценците за производителите се забранети. Сите трговци треба да имаат право да продаваат на пазарот и ако немаат седиште во Македонија. Треба да се договори и динамиката како и независноста на регулаторот. Законите и во Европската Унија трпат промени и тоа ќе повлече со себе промени и на овој закон, што значи дека овој закон и натаму ќе се усовршува – изјави Копач.
Тој потсети дека пред Владата останува подготовката на уште еден закон поврзан со енергетиката – Закон за енергетска ефикасност, каде што Македонија доцни.
– Откако ќе почне да се спроведува законот за енергетика, работните групи кои работеа на овој закон ќе можат своето внимание да го насочат на новиот закон за енергетска ефикасност и верувам дека многу брзо ќе го подготват – рече Копач.
Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека новиот предлог-закон за енергетика е резултат на европското искуство во енергетиката во последните 50 години и дека ќе спречи повторно да се прават грешките што се направени.
– Овој закон само ќе обезбеди поголема конкурентност во снабдувањето со сите енергенси, а со тоа и пониски цени и ќе ја спречи комоцијата во енергетските компании да пријавуваат трошоци кои некој ќе ги прифаќа, а ќе ги плаќаат сите граѓани – рече Анѓушев. Тој посочи дека пред сѐ нема да има комоција во ЕЛЕМ која ќе мора да работи на слободниот пазар и да биде попродуктивна и повеќе да произведува.
Нагласи дека со законот нема да се приватизираат ЕЛЕМ и МЕПСО и дека е детерминирано двете компании долгорочно да останат во сопственост на Владата.
Министерот Бектеши потенцира дека со денешната последна дебата во Владата се заокружува изработката на текстот на законот.
– Со новиот предлог-закон успеавме да обезбедиме усогласување на националното законодавство со третиот пакет на енергетски мерки на ЕУ, а со тоа ги исполнивме и обврските преземени со договорот со ЕЗ – рече Бектеши и додаде дека предлогот нуди европски решенија во енергетскиот сектот и е целосно хармонизиран со регулативите на ЕУ.
Александра Спасевска