Град Скопје ќе му ја земе топлификациската мрежа на БЕГ

Град Скопје ќе ја преземе дистрибуцијата на топлинската енергија од „Балкан енерџи груп“(БЕГ) бидејќи договорот на оваа компанија е спротивен на Законот за енергетика, најави градоначалникот Петре Шилегов . Според него, со одлука што треба да ја донесе Владата од есенва Град Скопје ќе стане сопственик на топлификациската мрежа, при што ќе се создаде тарифен модел кој ќе биде соодветен за потребите на сите граѓани.

„Според Законот за енергетика не може ист субјект да ги врши сите дејности во рамки на енергетиката. Во системот на струја постојат ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН и истото треба да се случи и во топлификацијата, односно треба да има производител, дистрибутер и оној кој врши малопродажба на топлинска енергија. Во моментов договорот на БЕГ е спротивен на законот. Во лудилото кога стратешки се грешеле работи, донесена е одлука топловодниот систем да се даде на ПУИГ, кој го отстапува на БЕГ да го управуваат. Ќе побараме во рамките на Законот за енергетика, Владата со одлука да го додели на управување на Град Скопје. Со тоа автоматски Градот ќе стане сопственик на топлификацискиот систем и ќе купува енергија од производителите Те-То, БЕГ, Топлана Запад, Топлана Север“, вели Шилегов.

Постапката за преземање според Шилегов треба да почне по 15 април, кога завршува грејната сезона.
„На овој начин ќе може да се создаде тарифен модел соодветен на потребите на граѓаните и целокупниот систем да биде поврзан, што не е случај сега. Ќе можеме на 14.000 луѓе кои се откажаа од Топлификација да им понудиме тарифи со кои ќе ги вратиме во системот. Фактот што Градот ќе има топлификација и гасификација ќе овозможи да ги креира политиките за затоплување на домовите, нешто што како стратегија недостасувало во Скопје. Ќе бараме измени и на Законот за градба со кои при проектирање на сите нови објекти дел од проектната документација ќе мора да биде начинот на затоплување“, објаснува Шилегов.
За управување со топловодниот систем Град Скопје ќе формира свое претпријатие, кое ќе ги преземе вработените кои сега работат на одржување на топлификациската мрежа.