Град Скопје основа ново јавно претпријатие за хуман третман на животните скитници

Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука за формирање ново јавно претпријатие за хуман третман на животните скитници, а ќе го носи името „Лајка“. Претпријатието ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кое ќе ги преземе сите активности: заловување, транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.

Од Град Скопје информираат дека во текот на 2018 година против Градот и ЈП „Комунална хигиена“ поднесени се над 200 тужби за надомест на штета заради напад и гризнување од бездомни кучиња.

Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум и тоа на начин што ќе обезбеди нивна благосостојба, но истовремено да гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини.

Покрај оваа точка, Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа за повеќе одлуки, меѓу кои: Одлука за уредување, ревитализација, одржување и заштита на Скопско Кале, за потребата од определување на заштитни зони на бунарското подрачје Нерези-Лепенец, за набавка на велосипеди и електрични тротинети, за дефинирање на локација за поставување на урбана опрема за спортско-рекреативни активности (ZIP Line) итн.

Покрај одлуките, на седницата ќе се расправа за следните извештаи и програми: Програма за изменување и дополнување на Програмата за финансирање на јавните установи и активностите од областа на културата од интерес на Град Скопје, за 2019 година, за субвенционирање на граѓаните за набавка на посовремени уреди за затоплување за 2019 година, Извештај за спроведување на Програмата за управување со отпад на подрачјето на Град Скопје за 2018 година, се наведува во соопштението од Град Скопје.