Град на маските: Започна карневалот во Венеција


Италија- Започна карневалот во Венеција,веројатно најпознатата карневалска прослава покрај Рио де Жанеиро во Бразил. 16-дневната веселба ќе трае до 13 февруари, еден ден пред Среда Пепелница. Годинешното мото гласи ‘Creatum: Civitas Ludens;’ што во слободен превод значи Креативност: игри со маски , пренесува „Дојче веле“.

Над три милиони туристи и годинава ќе ја посетат Венеција во деновите на карневалот во обид да ја почувствуваат атмосферата која го краси градот со векови наназад. Карневалот беше отворен со спектакуларен огномет и бројни традиционални фестивалски точки.

Мештаните велат дека карневалот во Венеција потекнува од 1162 година, кога се одржал за првпат во рамките на прославата на воена победа на Венецијанската Република. Карневалот беше забранет за време на владеењето на императорот на Светата римска империја Франц II во 1797, а повторно обновен дури во 1979 година.

Раскошните вечери и балови кои го одразуваат средновековниот или подоцнежните стилови се основен елемент на Карневалот. Доколку можете да си ја дозволите влезницата, се разбира. Честопати, влезот на еден бал надминува повеќе стотици евра.