Градот го продал уделот во салата „Борис Трајковски“, но не наплатил ниту денар

Градот Скопје во 2011 година ѝ го продал на државата својот удел во спортската сала „Борис Трајковски“, но досега не наплатил ниту денар. Шест години по ред Владата, која е единствениот содружник во друштвото што стопанисува со салата, ја одложува исплатата на сумата од 4,2 милиони евра, која Градот Скопје ја вложил на почетокот на изградбата во 2004 година. Последното одложување се случи минатата недела, а образложението е дека во државниот буџет за годинава немало предвидени пари за таа намена.

Градоначалникот Петре Шилегов потврди дека Министерството за финансии и годинава не предвидело пари, иако обврската постои години наназад.

„Мораше и годинава да ја одложиме исплатата на уделот на Градот во ‘Борис Трајковски’, затоа што пари за тоа немаше. За буџетот за 2019 година е предвидена посебна ставка и конечно ќе почне централната власт да го сервисира долгот кон нас“, вели Шилегов. Гаранција дека навистина Градот ќе си го наплати побарувањето за Шилегов е фактот дека во разработката на новиот буџет учествуваше и претставник на локалната власт, како и дека ставката е веќе превидена во предлог-верзијата која помина на Влада, а сега е во собраниска процедура.

Одлуката да го продаде сосопственичкиот дел во спортската сала „Борис Трајковски“, Градот Скопје ја донел во јануари 2011 година, а предност за купување имала државата бидејќи објектот се доизгради со државни пари. Кога се откажаа од градењето на салата, две години по почетокот на градежните работи, со својата инвестиција од 4,2 милиони евра, заедно со комуналиите од 1,3 милион евра, кои ги платија, градските власти требаше да бидат партнери со Владата во новото друштво „Борис Трајковски“. Но Градот Скопје никогаш не влезе во сосопственичката структура, а во Централниот регистар како сопственик на друштвото од почетокот фигурира само Владата.

Градските власти мораа да ја докажуваат својата инвестиција, па откако „Борис Трајковски“ ја призна сумата, ама без комуналиите, во 2011 година одлучија да го продадат уделот. Сумата, според договорот, требало да се исплати на четири еднакви рати во 2011, 2012, 2013 и 2014 година, во висина од нешто над еден милион евра. Сепак, оттогаш досега со шест анекси на договорот е одложувана првата исплата, па Скопје нема добиено ниту денар од тој договор.

Последното одложување се случи на последната седница на Советот на Скопје минатата недела, иако од Градот образложуваат дека парите им се потребни за да ги инвестираат во различни проекти.

„Градот Скопје jа информирашe Владата за обврската за исплата на средствата, потенцирајќи дека уште во 2004 година има инвестирано средства во изградба на повеќенаменската спортска сала во Скопје, со цел реализација на јавен интерес и дека побарувањето со договор е признаено од страна на друштвото ‘Борис Трајковски’ со утврдена динамика на исплата. Секое натамошно пролонгирање на повратот на средствата во градската каса би значело помалку средства за реализација на програмските активности во насока на вршење дејност од јавен интерес од локално значење“, информираат од Градот Скопје.

Сања Наумовска