Градоначалникот на Радовиш се предомисли, нема да купува фигара

Градоначалникот на Радовиш Герасим Конзулов го поништи тендерот за набавка на фигара за коса, кои планираше да ги дели како осмомартовски подароци на жените вработени во Општината и во Советот.

Само еден ден откако го објави огласот за набавка на фигарата, Општината го поништи огласот.

„Поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган“, стои на јавни набавки во делот за причините за поништување на постапката.

Инаку, Општината планираше да набави 45 фигара, со проценета вредност од речиси 700 евра. Се бараше тие да имаат 2 години гаранција, керамичка заштита, јонизатор…

Ова не е прва Општина која одлучи да троши пари за осмомартовски подароци. Неодамна, од Македонска Каменица преку оглас бараа да купат 1.000 парчиња црвен каранфил и 23 парчиња женски фротирни бањарки со капа и колан.