Го убил со 4.56 промили алкохол во крвта

Две лица се уапсени за вчерашното убиство на 41-годишниот Б.Р. од Гевгелија. Од полицијата информираат дека осомничени се К.И. (31), кој се товари за сторено убиство и Р.К. (43) за помагање. Случајот во МВР бил пријавен околу седум часот од страна на лекар од Итната медицинска помош. Според истрагата, злосторството се случило во куќата на Р.К.. Таму на гости бил Б.Р., дошол и К.И., кој извадил ракија. По неколку чашки, почнал да го обвинува Б.Р. дека му го украл мобилниот телефон.

„Набрзо К.И. физички го нападнал Б.Р. во пределот на лицето, а продолжил удирајќи го во главата се до неговата смрт. Потоа двајцата осомничени ги прикриле трагите, а телото го преместиле во друга соба од куќата. Убиецот К.И. си заминал,  а Р.К. останал“, соопшти МВР.

По прибирањето на доказите, полицијата ги приведе двете лица, при што кај К.И. биле констатирани 4,56 промили алкохол во крвта, а кај Р.К. – 2,53 промили алкохол. На двајцата им се земени примероци од крв и урина за дополнителна анализа. Против нив е поднесена кривична пријава, а одреден им е притвор од 30 дена.