Горан Бреговиќ во Скопје: Незаборавна концертна симфонија

Се споија етно и класика, носталгија и џумбус, Париз и Сараево, ѕидот на плачот и свадба, виолина и труба, радост и тага, Карнеги хол и ВИП арена, синоќа на незаборавниот роденденски концерт на генијалниот музичар Горан Бреговиќ, некогашен фронтмен на „Бијело дугме“. Тој не старее, во Скопје се појави во омилениот бел костим, со црни чорапи и необични сини модерни чевли.

Беше привилегија и чест да се биде публика на лична музичка приказна со универзална, мировна порака, раскажана во два часа, со три фантастични солисти, два оркестра, во симфониска атмосфера и со перфектен звук.

Брега одамна е светски граѓанин и компонира за познати музичари и филмови, ама во душа, како што вели, може да биде само Југословен . И во новата музика, колку и да е актуелна, провева во фон музиката на „Бијело дугме“ со Жељко Бебек како вокал, која, ако сега, одново ја преслушате, звучи повеќе како симфонија, отколку како рок.

Одличниот диригент Сашо Татарчев со оркестарот на Македонската филхармонија и со Оркестарот за свадби и погреби на Бреговиќ, прво го изненадија славниот гостин за 69.роденден, свирејќи  му ја „ Happy Birthday“ ,а потоа концертот продолжи со  сериозниот дел, промоцијата на новиот, виолински  албум „Три писма из Сарајева“ од каде сфативме дека нема крај на талентот на Бреговиќ.

Трите писма, со еврејски, муслимански и христијански потпис, на виолина ги изведоа специјалните гости: Гершон Леизерсон од Израел, Зиед Зоуари од Тунис и Мирјана Нешковиќ од Белград. Звучеа свечено, публиката со кнедла во грло ги слушаше. На крајот, трите виолини се споија во една, и засвиреа на универзалните, светски хитови на Брега. „Чирибирибела“ од Дугме, „Едерлези“, „Јеремија“,  „In the death car“ од филмскиот хит „Аризона дрим“. Иако Бреговиќ не сака оружје, „Калашњиков“ на радост на публиката, беше неизбежен за крај.

Концертот го организираше „Авалон продукција“. (Л.С.)