„Големата“ реконструкција се сведе на козметика

Тивко незадоволство, според неофицијални информации, владее во СДСМ во врска со претстојната владина реконструкција, која, иако беше долго и бомбастично најавувана, ќе се сведе најверојатно на смена на еден до два кадри, и тоа токму од најголемата владејачка партија. За разлика од претходниот пат, кога СДСМ доби едно министерско место плус – во важниот ресор здравство, сега оваа партија е приморана да се ослободи од свои кадри на сметка на проширување на мнозинството, што беше начнато со заминувањето на Алијансата за Албанците од коалицијата.

Нема засега информации кога и дали воопшто централниот одбор на СДСМ ќе расправа за реконструкцијата, со оглед на тоа што таа се смета веќе за завршена работа, бидејки предлозите за нови министри синоќа беа доставени до парламент. Според одредени информации, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на последниот состанок на ЦО, добил овластување од сопартијците да преговара за проширување на мнозинството кое на крајот испадна главна причина за реконструкцијата, наспроти очекувањата дека ќе се оди на квалитативни промени и на зајакнување на капацитетите на извршната власт.

Роберт Алаѓозовски, според последните информации, е единствениот министер кој заминува од кабинетот на Заев, ако не се смета оставката што пред неколку месеци ја поднесе Билен Саљији од ДУИ, а која не е констатирана досега. Иако во јавноста имаше критики за дел од политиките на Алаѓозовски, проценките во партиски кругови се дека во актуелната министерска постава секако има други имиња кои повеќе од него заслужуваат да заминат, доколку реконструкцијата се спроведуваше врз база на квалитативни критериуми.

Иако не е тврдо партиско решение, Алаѓозовски влезе во Владата како кадар на СДСМ, кој уште од времето на Бранко Црвенковски ја водеше партиската комисија за култура. Сепак, смената на Алаѓозовски се аргументира со потребата за влегување на скопска Беса во Владата, без оглед што  Алаѓозовски како магистер по општа и компаративна книжевност е далеку покомпетентен за ресорот култура од неговиот наследник Асаф Адеми, кој е градежен инженер. На досегашниот министер за култура, според одредени информации, би му била понудена друга функција. Се споменува и амбасадорско место, што сепак е неизвесно како би се извело во скоро време, со оглед на „претседателскиот ултиматум“ во дипломатијата да се испраќаат исклучиво професионалци од МНР.

Реални се шансите уште едно функционерско име од редовите на СДСМ да биде опфатено со претстојното проветрување. Станува збор за заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, кој во изминатите месеци, поради дистанцирањето на Саљији, практично, беше предводник на ресорот во период кога се подготвуваа законите за реформи во судството. Министерството за правда го презема сега неговата сопартијка Рената Тренеска-Дескоска, која ротира таму од Министерството за образование, така што заменичкото место овој пат би требало да ѝ припадне на ДУИ или евентуално на некој од новите коалициски партнери. Сепак, неофицијално се спомнува и варијанта СДСМ да ги задржи двете највисоки функции во правда, што би значело останување на Ристовски на заменичкото место, но и де факто ослабување на неговата позиција во споредба со периодот кога министер за правда беше кадар од друга партија. Според неофицијални информации, правничкото лоби во СДСМ, посебно членовите на партискиот правен комитет, уште пред неколку месеци барале адвокатот Ристовски, како практичар во правната област, да биде унапреден во министер за правда, а Дескоска да остане во образование, со оглед на тоа што, иако таа е доктор по правни науки, сепак, доаѓа од академската фела.

Со смените што престојат во вториот ешалон на власта, СДСМ би требало да добие две нови заменички места – во образование и веројатно во надворешни работи, за каде што се спомнува поранешниот градоначалник на Центар и нов член на ЦО на СДСМ – некогашниот либералдемократ Андреј Жерновски. Тој треба да му биде заменик на Никола Димитров кој, иако стана министер од „листата“ на СДСМ, всушност, не е партиско решение.

Заменик-министер за образование, пак, е речиси извесно дека ќе биде Петар Атанасовски, што во партиски кругови не се доживува како негово унапредување, со оглед на тоа што претседателот на партиската комисија за образование треба да го напушти пратеничкото место за да премине во вториот ешалон на извршната власт. Со оглед на тоа што изборот на новите кадри во извршната власт се очекува кон крајот на овој месец, пополнувањето на испразнетото пратеничко место на СДСМ, веројатно, ќе почека. Измените во Изборниот законик, кои овозможуваат да се комплетира ДИК, беа донесени на вчерашното продолжение на тековната собраниска седница, така што допрва ќе се распишува оглас за избор на членови на Комисијата која ги верификува новите пратенички мандати.

 

И Тунтев заминува од парламентот?

Според неофицијални најави, во наредниот период е можно да се испразни уште едно пратеничко место на СДСМ, и тоа не кое било, туку на координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев. Наводно, тој би требало да биде именуван за директор на атрактивната Агенцијата за цивилно воздухопловство, каде што изборот оди преку Собранието, но претходно мора да заврши мандатот на досегашниот директор.

Како што објавивме вчера, во наредниот период се очекуваат повеќе нови именувања во институции каде што изборот на раководните позиции оди преку парламентот, а каде што досегашните функционери се избрани за време на претходната власт. На тој начин се очекува да бидат задоволени дел од кадровските апетити на активисти на владејачките партии кои не беа опфатени со досегашните избори и именувања на функции или се незадоволни од позициите што ги добиле.

Александра М. Митевска