Годишен хороскоп за 2019: Што велат ѕвездите за Македонија?

Мунданата астрологија е гранка на астрологијата која ги проучува глобалните светски случувања, хороскопите на државите, па така и случувањата во нив: од политичката сцена па до временските непогоди, од социјалните настани, па до спортската арена, а која има глобално дејствување врз сите жители на одредена држава. Птоломеј јасно ја објаснува различноста на сите народи и сродностите со одредените хороскопски знаци.

Хороскопите се изработуваат според времето и местото во кои одредена случка се одвива, а станува збор за прогласувањето на независност, воспоставувањето нов режим или негово јавно прогласување.

Според тоа, за роденден на Република Македонија го земаме датумот 8 Септември 1991 година, кога е јавно прогласена и прославена независноста од Југославија, а објавена е во 20.35 ч., со што нашата земја го добива знакот на Девица, асцендентот во Бик, а Месечината е позиционирана во вредната и методична Девица.

И веднаш ќе се фокусираме на трите најважни и лесно воочливи теми за следната година имајќи предвид дека со Месечина која се гаси нема да може да се започне ништо ново, туку само да се завршуваат почнатите проекти, реформи и промени воопшто, со цел да се направи реалистичен прогрес во идната 2020 година.

Првото нешто што го окупира нашето внимание кога ќе ја погледнеме наталната карта на Македонија е знакот на Стрелец и повторниот транзит на Меркур во овој оптимистичен знак, кој е задолжен за правосудството и законот. Јупитер, кој е природен владетел на овој огнен знак ќе биде присутен во својот дом во текот на една година, а со конјункцијата со Меркур, работите во овој сектор ќе се забрзаат и ќе треба да се откријат нови начини на кои правосудниот систем ќе почне да функционира еднакво за сите и во име на правдата. Реформите ќе треба да се аплицираат практично и со голем резон и логика за да бидат успешни. Засега ги имаме потребните услови за тоа.

Оние случаи што се поврзани со длабока болка, кои се нерасчистени и се проткаени со омраза, ќе траба да се решат набрзо, за да може вистинското исцелување да заземе место. Планетарните аспекти нè охрабруваат да го заборавиме емотивниот багаж бидејќи следната година ќе биде идеален период за простување, надминување на старите рани и болки и продолжување напред кон поведра иднина.

Втората важна работа, а која е поврзана со глобалната благосостојба, здравје и духовен мир на граѓаните на Македонија е загадувањето, а кое го поврзуваме со долгогодишниот транзит на Нептун во својот дом на Риби. Позицијата на оваа планета во единаесеттата куќа на Македонија, а сектор кој е задолжен за повисоките идеи, цели и планови со прогресивен карактер и еколошка свест, не е најидеална. Во овој момент тука транзитира и активниот Марс, кој за кратко ја губи динамиката во длабоките води на Рибите. Со други зборови, загадувањето во државата е на алармантно ниво и бара посериозен пристап, а не само чекање и одолговлекување на работите надевајќи дека тие ќе се решат сами од себе. Нептун во оваа куќа укажува на немоќ од страна на авторитетите да се соочат со непредвидените консеквенции од претходно направените одлуки, а сугерира на критика, цензура и наметнување на надворешни ограничувања, кои се конфузни и доведуваат до поголема збунетост. Неможноста да се фокусира на суштината на проблемот и да се ослободиме од тешката ситуација е евидентен. На ова би требало да се обрне соодветно внимание и време и да не се дозволи да се биде попречен од минатите неуспеси.

Добро е да се прашаме дали чекаме кога треба да се дејствува или дејствуваме кога треба да се чека? Неколку расфрлани идеи нема да ја решат ситуацијата, туку треба да се бараат луѓе со прогресивен карактер, а кои ќе помогнат да се дојде до брзи и конструктивни решенија – ова поле нема време за чекање! Треба да се дејствува ургентно.

И како трет сегмент, кој не е помалку важен, е секако спорот за името, кој е неминовно да се реши. Транзитот на Уран во првата куќа на Македонија укажува дека ова е водечката тема не само за следната, туку и за останатите седум години бидејќи неговиот транзит е бавен. Во сето ова Македонија веќе има некое искуство и е зрела за нови чекори. Ова е транзит за чие време од нас се бара да ја користиме својата логика и природна интуиција, но и своите лични афинитети и така никогаш нема да згрешиме. Добро е да се прашаме колективно, што е она што навистина го сакаме и дали сме спремни за вистинска трансформација. Што е она што е вредно да се задржи, а што треба да се отфрли засекогаш? Каков и да е интимниот став околу ова прашање, важно е да се знае дека ова е промена која што не може да се избегне – транзитот е долготраен – но затоа, пак, налага да се поработи на имплементација на тие промени.

Ова ќе биде период кога лесно ќе се видат сите минати измами и вистината ќе излезе на виделина: ќе треба добро да се погледнеме и да ги надминеме дуалностите во своите животи – ќе треба да се разбереме меѓусебно! Да ги сфатиме своите потреби и да им обрнеме внимание на можните аргументи. Да го разбереме богатството во својот фолклор и да ги прифатиме културните разлики. Нас не нè разделуваат разликите, туку неможноста да ги разбереме и славиме соодветно!

Нешто ќе остане во минатото, но затоа пред нас е иднина која што ќе треба да се гради истрајно. Затоа ќе биде добро да станеме олицетворение на смиреност, искреност и духовитост, па дури и во најтешките ситуации. Како и во природата, секоја смрт доведува до нов живот и тоа е сосема природно. Нема потреба од трчање, особено не во погрешен правец.
Нека ни е среќна новата 2019 година!

Ирена Танчева

АСТРОЛАБ

tancevai@yahoo.com