„Година на мајмунот“ на Московскиот филмски фестивал

Филмот „Година на мајмунот“ по режија и сценарио на Владимир Блажевски денеска ќе ја има својата интернационална премиера на Московскиот меѓународен филмски фестивал.

Филмот е во рамки на официјалната програма на Московскиот филмски фестивал. Московскиот е вториот најстар филмски фестивал на светот, веднаш по Венецискиот, постои од 1935 година и е дел од А листата на фестивали.

Како дел од програмата на специјални проекции на овој престижен филмски фестивал, „Година на мајмунот“ ќе има свои прикажувања денеска во 18 часот и утре во 16 часот.

Филмот ја имаше својата домашна премиера минатиот четврток на отворањето на 21. издание на Скопскиот филмски фестивал. Се снимаше во 2016 година како копродукција на Македонија, Србија, Словенија и Косово, поддржан од Еуримаж, на околу 80 различни локации низ Македонија.

Главната улога во филмот ја игра Игор Ангелов, а во екипата се појавуваат актери од Македонија, Србија, Словенија и Хрватска. „Година на мајмунот“ е на редовен репертоар во киното „Синеплекс“