Годинава четири нови дестинации од Скопје и Охрид

Продолжува субвенционирањето на евтините летови. Министерството за транспорт и врски распиша тендер за авиокомпанија која ќе добие државна поддршка за одржување нискобуџетни авионски линии од скопскиот и од охридскиот аеродром. Акцентот е ставен на развојот на потенцијалите на аеродромот во Охрид, за каде што субвенциите што се предвидени по патник се повисоки, отколку тие на скопскиот.

Нискобуџетната компанија, која ќе биде избрана на повикот, ќе добие вкупна финансиска поддршка од пет милиони евра, за период од три години. За секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и Охрид, компанијата ќе добие еднократен надомест од по 40.000 евра. За секој патник во заминување, пак, во првите три години за дестинации од скопскиот аеродром авиокомпанијата ќе добива по девет, осум и седум евра. За охридскиот аеродром финансиската поддршка по патник за првата година ќе изнесува 13 евра, а за втората и третата година по 12 и 11 евра.

Избраната авиокомпанија најдоцна до први декември треба да воспостави или одржи база од најмалку еден воздухоплов на охридскиот аеродром. Најдоцна до први ноември годинава да стартува со оперирање на најмалку две дестинации од „Меѓународниот аеродром Скопје“, а од охридскиот аеродром со најмалку четири нови дестинации, од кои првите две до крај на годинава, а останатите во рок од една година од склучување на договорот.

Целта на субвенционирањето, како што нагласи вчера министерот за транспорт Горан Сугарески, е раст на авиосообраќајот и обезбедување атрактивни дестинации за граѓаните со прифатливи цени на билетите. Тој посочи дека на повикот може да се пријават сите домашни и странски авиопревозници, меѓу кои и нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“, која веќе во два наврата доби поддршка од буџетот.

„Новиот договор за доделување финансиска поддршка од државата се очекува да биде потпишан кон средината на август годинава. За годинава веќе се обезбедени 49,7 милиони денари, за 2019 и 2020 се планирани по 104,2 милиони, а за 2021 година 54,2 милиони денари“, информира Сугарески и додаде дека финансиската поддршка ќе ѝ се додели на авиокомпанијата што ќе понуди најголем број нови дестинации кои не биле опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две сезони ИАТА. Компаниите што ќе аплицираат, меѓу останатото, треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

Субвенции за евтини летови се доделуваат од 2011 година, а во два наврата ги доби унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Виз ер“, кој од двата аеродрома воведе 25 нови дестинации. Според податоците од Министерството во првите пет месеци од годинава преку „Меѓународниот аеродром Скопје“ и аеродромот „Свети Апстол Павле“ во Охрид се превезени 784.000 патници, за 20 проценти повеќе споредено со истиот период лани, со реализирани 6.845 лета, што претставува пораст за 17 проценти.