Годинава нема МНТ-фест
Досега веќе требаше да биде најавена програмата за МНТ-фест, па и да почне реализацијата. Четири години по ред фестивалот се случуваше во овој период од годината, кога Македонскиот народен театар ја завршува сезоната. Годинава, петтото издание на МНТ-фест нема да се одржи, туку планираните гостувања на меѓународни театри ќе се реализираат како посебни гостувања.
За годинешното издание на фестивалот од Министерството за култура преку Годишната програма за култура за 2018 година беа побарани 6,7 милиони денари (110 илјади евра), а беа одобрени 2,4 милиони денари (39 илјади евра).
Од Министерството за култура велат дека ја поддржуваат програмата на МНТ и нивната политика гостувањата да ги распредели во текот на целата година, наместо во еден месец, со оглед на тоа што на тој начин ќе обезбеди поквалитетна понуда на претстави кои би гостувале во МНТ.
-Дел од одобрените средства по Годишната програма, МНТ ги искористи за реализација на планираните гостувања на странските театри, а за останатите побара пренамена за финализирање на останати театрски проекти- вели портпаролката на министерство за култура Нурџан Асановска.
Од Македонскиот народен театар за „Независен весник“ велат дека промените што се случуваа во управата на МНТ, како и кратките рокови да се договори програмата, се дел од причините што нема да се одржи МНТ-фест во препознатливиот формат.
„Се случуваа промени и немавме можност да ги договориме сите претстави кои требаше да гостуваат во четири-пет споени дена и тоа да се реализира како МНТ-фест. Затоа, пак, одлучивме планираните меѓународни театри кои требаше да гостуваат во рамките на фестивалот, да ги донесеме како засебни гостувања“, вели в.д. директорката на МНТ, Симона Угриновска.
Таа појаснува дека со дел од театрите со кои преговарале за гостување на фестивалот било невозможно да ги усогласат датумите, па затоа тие ќе се реализираат во текот на целата година.
– Дел од претставите што сакавме да ги донесеме за фестивалот, веќе имаа договорени турнеи во други држави во истиот период. Затоа, некои од нив ќе гостуваат од септември – вели таа.
Угриновска беше назначена за в.д. директор на МНТ на 5 февруари годинава откако нејзиниот претходник Драган Спасов-Дац си поднесе оставка. Со нејзиното преземање на функцијата, таа ги наследи проектите шти беа планирани и веќе започнати од претходните директори.
– Не можам да се пофалам дека гостувањата што се реализираат сум ги договарала јас бидејќи наследив проекти кои беа започнати од претходните директори. Досега имавме неколку гостински претстави, а ќе имаме уште неколку до крајот на годината – вели Угриновска.
Меѓу гостувањата од почетокот на годинава во МНТ, беа и Народно позориште од Белград со претставата „Царство небеско – епика балканика“ во режија на Јернеј Лоренци и Југословенско драмско позориште со претставата „Ајнштановите соништа“ во режија на Слободан Унковски. МНТ во копродукција со Скопско лето го реализираше и гостувањето на театарот „Гавела“ од Загреб кој ја изведе претставата „Крал Ричард Трети“ од Шекспир во режија на Александар Поповски.
МНТ-Фест започна во 2014 година, кога директор на Македонскиот народен театар беше Дејан Лилиќ, а уметнички директор Дејан Пројковски. Фестивалот со своето прво издание беше домаќин на националните театри на Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија и на Азербејџан и Шекспировиот театар „Глоуб“ од Лондон. Театарот на Шекспир, „Глоуб“ од Лондон, беше и прв добитник на наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот, награда што ја симболизираше театарската традиција на македонската почва.
За првото издание на МНТ-фест, од тогашната управа на театарот, најавија дека одлучиле да го создадат фестивалот како место каде што ќе се презентираат вистинските театарски вредности.
„Нашата идеја е фестивалот да овозможи презентирање на различните сценски естетики и подобро меѓусебно запознавање и се разбира отворање на поголеми можности за посериозна заемна соработка во иднина и размена на искуства“, стои во образложението.
Низ четирите изданија на МНТ-фест се одржуваа и изложби, предавања и работилници.
Ивана Настеска