Главна расправа за изборните измами во „Титаник“

Во Кривичниот суд Скопје, денеска со главна расправа ќе продолжи рочиштето за предметот „Титаник“ на СЈО во кој обвиненти се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко,…

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

На претходното рочиште воведни говори дадоа останатите адвокати на одбраната и дел од обвинетите кои се повикаа на помилувањето на претседателот Ѓорге Иванов за што рекоа дека и Врховниот суд на Грција потврдил дека амнестијата е во правна сила, па затоа одлучил да не ги екстрадира Горан Грујевски и Никола Бошкоски.

Адвокатите во повеќе наврати посочија дека се соочуваат со контрадикторно  обвинение и дека ќе докажат за апсурдноста на наводниот мотив на обвинетите. Одбраната рече дека ќе докажат дека обвинетите на превземале никакви дејствија  за обвинението злосторничко здружување.

Поранешниот премиер Груевски повтори дека ова обвинување и сите други се со цел да се направи политички геноцид на една политичка партија, која легитимно ја водела државава со поддршка на голем број граѓани.

Предметот на СЈО „Титаник“, како класична конструкција го оцени поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, за чие  обвинение рече дека ќе докаже дека изборите биле во согласност со законите. Тој од судот побара да се направи и вештачење на хардискот на партијата СДСМ кои ги предале разговорите во СЈО.

Судија во „Титаник“ е Осман Шабани, а СЈО го застапуваат обвинителите Лиле Стефановска и Љубомир Лапе.