Главната обвинителка во Хаг најави истрага за протерување на Рохинџите

Главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд во Хаг Фату Бенсуда денеска изјави дека почнува прелиминарна истрага за протерувањето на стотици илјади припадници на муслиманското национално малцинство Рохинџи од Мјанмар во Бангладеш.

Бенсуда во соопштение порача дека е почната прелиминарна истрага со која ќе се утврди дали постојат доволно докази за спроведување целосна истрага.

Таа истакна дека ќе ги прегледа извештаите за „големиот број наводни присилни дела кои резултирале со присилно раселување на Рохинџите, вклучувајќи и нарушување на основните човекови права, убивања, сексуално насилство, уништување и грабежи“.

Армијата на Мјанмар се обвинува за масовно кршење на човековите права, што подразбира силувања, убиства, мачење и палење села во кои живееле Рохинџите, поради што од август минатата година околу 700.000 припадници на ова муслиманско малцинство избегале во соседен Бангладеш.