Германската фудбалска репрезентација ја минува најлошата година во нејзината историја

Германската фудбалска репрезентација во 2018 година влезе како еден од фаворитите за освојување на Светското првенство во Русија, а ја заврши како второлигаш во Лигата на нации. Она што за Јоаким Лев, неговите избраници и тамошната јавност се чинеше невозможно го потврди Вирџил ван Дајк со чиј погодок Холандија израмни во финишот на средбата и ги испрати „панцирите“ во европската Б дивизија. Разочарувачката вечер во Гелзенкирхен одекна силно во медиумите кои упатија критики на сметка на националниот тим, откако стана јасно дека нивниот „маншафт“ не е тоа што беше и кореспондира со вложувањата на бундеслигашите. Ниту победата немаше да ги спаси Германците од преселба во понизок ранг, но барем ќе делуваше колку-толку амортизирачки ако воопшто може така да се каже. Головите на Тимо Вернер и на Лирој Сане на крајот се покажаа недоволни за понижувачката година на резултатски план.

 Лев уверуваше дека најдоброто ќе дојде кога ќе биде најпотребно

Германија не успеа да се потврди како класа во 2018 година што е нотирана како најслаба година во историјата на националниот тим. На ремито со Шпанија (1:1) и минималниот пораз од Бразил (0:1) во март се надоврзаа мундијалски тестови со Австрија и Саудиска Арабија, селекции на кои се гледаше како идеални противници за билдање на самодоверба пред турнирот во Русија. Ниту пресилни ниту преслаби за главното што следуваше во чија основа беше одбрана на титулата. Меѓутоа нештата беа далеку од посакуваното сценарио. Се доби шлаканица од Австријците (пораз 1:2) и со тешки маки беа совладани Саудијците во мечот во Леверкузен во кој на мета на публиката се најдоа Илкај Гундоган и Месут Езил по објава на фотографии на социјалните мрежи за нивна средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Па, испраќањето на Светското првенство не беше како треба и доликува за бранител на тронот. Тимот беше бледа сенка на оној што сееше страв и трепет, што „пукаше“ од талент и што имаше шампионско педигре. Вознемирената јавност ја смируваше Лев кој уверуваше дека посакуваното ниво ќе биде дофатено кога ќе биде и најпотребно.

Германската машинерија зариба во Русија

Вистинското разочарување допрва следуваше иако никој го сфати сериозно поразот од Мексико во воведниот мундијалски настап. Втората епизода во Русија беше победнички решена и тоа благодарение на гол од слободен удар во самиот финиш. Спасител на националниот тим во тие моменти беше Тони Крос. Но, неколку дена подоцна Германија и дефинитивно капитулира во Русија. Отпишаната Јужна Кореја триумфира и јасно стави до знаење дека некои компонентни во машината на Лев се нефункционални. „Панцирите“ го положија оружјето и засрамени се вратија дома по само три одиграни средби. Лев се соочи со остри критики за неговата селекција на играчи (во прв ред изземањето на Лирој Сане) и тактика. Силните критики за недоволно залагање го погодија Езил кој по турнирот се повлече од репрезентацијата. Сензационалната елиминација во раната фаза на турнирот упатуваше кон едно нешто – Лев самиот да расчисти со дебаклот. Ги призна грешките и понуди излез од хаосот во кој длабоко е навлезена репрезентацијата, а Федерацијата и навивачите побараа не само подобрување туку и ресетирање и изборот во иднина да се сведува на форма наспроти репутација и стара слава и во основа да биде нова, млада, свежа крв.

Копирањето на проектот на Саутгејт засега без резултат

Лев остана на зборот и реши да даде поголема минутажа на Тимо Вернер, Серж Гнабри, Леон Горецка, Тило Келер и Каи Хаверц и, се разбира, Лирој Сане. Се прибегна и кон менување на стратегијата со цел нивно побрзо и подобро адаптирање, но резултатите останаа сиромашни. Фановите останаа несреќни и обидот за копирање на проектот на Герет Саутгејт го нарекоа купување на време од Лев.

Што е следоно од него? – Прво времето на чекање на индивидуални одлуки за завршување на репрезентативната кариера или нивно отстранување од составот. И второ, почесто присуство на Лев на германските стадиони и одблиску да го следи развојот и клупските настапи на фудбалерите. Пред него и асистентите е доволно време за размислување за правецот на движење во иднина. Прашање е само дали ќе излезе од тунелот и ќе здогледа светлина? – Ждрепката за квалификациите за ЕП 2020 е на почетокот на декември, а веќе од март тргнува циклусот во кој фудбалската јавност очекува да види една поинаква Германија од оваа во 2018 година.

 

Сите настапи на Германија во 2018 година

 

Пријателски меч: Германија – Шпанија 1:1

Пријателски меч: Германија – Бразил 0:1

Пријателски меч: Австрија – Германија 2:1

Пријателски меч: Германија – С. Арабија 2:1

СП 2018: Германија – Мексико 0:1

СП 2018: Германија – Шведска 2:1

СП 2018: Ј. Кореја – Германија 2:0

Лига нации: Германија – Франција 0:0

Пријателски меч: Германија – Перу 2:1

Лига нации: Холандија – Германија 3:0

Лига нации: Франција – Германија 2:1

Пријателски меч: Германија – Русија 3:0

Лига нации: Германија – Холандија 2:2

(Гардијан)