Германската железница лани на патниците им исплатила 53 милиони евра поради доцнења

Германската железница „Дојче бан“ (ДБ) минатата година вкупно им исплатила 53,6 милиони евра надомест на патниците поради доцнење на возовите.

Ова е за една третина повеќе од пред две години, а причината е што секој четврти воз на меѓународната линија доцнел.

Минатата година луѓето што се жалеле поради доцнењето добиле во просек по околу 20 евра, што е за едно евро повеќе од пред две години, а 2,7 милиони патници го искористиле правото на жалба.

ДБ објави дека ќе го намали времето на доцнење на возовите бидејќи во 2017 година скоро секој петти меѓународен воз доцнел, а минатата година дури секој четврти, што е рекордно високо ниво од 2015 година.

Покрај тоа, минатата година, 10 воза биле откажувани дневно или 3.500 возови не тргнале од почетната станица.

Како причина за толкав број доцнења ДБ наведува првенствено поради временските услови. Се споменува и декемврискиот предупредувачки штрајк, како и затворање на пругата по пожар што избил во воз во октомври.