Геноцид во Сребреница, гранатирање на Сараево – денеска пресуда за Ратко Младиќ

Хашкиот трибунал денеска ќе ја објави првостепената пресуда за некогашниот командант на војската на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ, по обвинението за геноцид над муслиманите и за други воени злосторства.

Судскиот совет, предводен од судијата Алфонсо Орије, донесе пресуда по 3,5 години судење и уште една година разгледување на случајот од страна на Советот на Хашкиот трибунал.

Хашкото Обвинителство во завршното обраќање во декември 2016 годијна побара од Судскиот совет да го осуди Младиќ на доживотен затвор, нагласувајќи оти покуса казна би била „навреда за жртвите, живи или починати, и навреда за правдата“, додека одбраната бара ослободителна пресуда.

Судењето на генералот Младиќ почна во мај 2012 година, а заврши на 15 декември 2016 година. Тој беше уапсен во мај 2011 година во околината на Лазаревац, по 12 години криење и екстрадиран во Хаг.

Според хашкото обвинение од 8 ноември 2002 година Младиќ се товари за геноцид, прогони, истребување и убиства, депортации и нечовечко однесување, тероризирање на цивили, сурово однесување, напади врз цивили и киднапирање на лица од мировната мисија на Обединети нации. Според обвиненито, под команда на Младиќ биле убиени околу 7.000 муслимански заробеници на подрачјето на Сребреница. Тој се товари и за гранатирање на Сараево, како и за логорите Омарска, Кератерм, Бањица и Трнопоље. Младиќ е обвинет и за еден случај на геноцид, седум случаи за соучество во геноцид и шест случаи на кршење на законите и обичаите на војната, вклучително убиства, спроведување на терор над цивили и земање заложници.