В четврток на полноќ – финиш на кампањата

В четврток на полноќ завршува јавната пропаганда за референдумот за името и почнува предреферендумскиот молк.
За разлика од изборните кампањи по чие завршување е предвиден молк од 24 часа, молкот за референдумот е 48 часа. Поради тоа молкот за референдумот 2018 година ќе почне ноќта меѓу 27 и 28 септември и ќе трае до завршувањето на гласањето на 30 септември, затоа што, како што велат од ДИК, така е предвидено со законот за референдум.
Траењето на изборните кампањи, пак, е ограничено на 20 дена и молкот вообичаебно почнува во петок на полноќ пред гласањето во недела.

Согласно одлуката за распишување на референдумот, јавната пропаганда можеше да почне истиот ден кога парламентот ја донесе одлуката – 30 јули. Меѓутоа, лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети означија официјален старт на референдумската кампања на крајот на август.
Со оглед на застареноста на законот за референдум, при организацијата на референдумот ДИК за повеќе прашања постапуваше според правила предвидени со Изборниот законик.