В недела ќе се одржи „Априлијада“ на скопски плоштад

Во недела на скопскиот плоштад традиционално ќе се одржи „Априлијада-Скопје се смее“, по повод 1 април, Денот на шегата. Организаторите, Детски културен центар Карпош и Град Скопје ги повикуваат сите родители да ги донесат маскирани децата во период од 11 до 13 часот за кога е предвидена и забавна програма. Присутните ќе ги забавува секцијата за модерен балет и фолклорната секција на ДКЦ “КАРПОШ“, Мина Блажев, „Златно славејче“, а ќе има и танцови групи од основните училишта од Скопје.

Организаторите најавуваат и ноќна забава која е планирано да почне во 20 часот. Најавен е настап на ВИС-Аманет (вокално инструментален состав), Александар Митевски, Влатко Илиевски, Александар Тарабунов, Трио „Шербет“, Елита Зибериж и Група – „Live Band”, а на крај ќе настапи и диџеј.

„Детски културен центар Карпош  со конкурси ги повика основните училишта да учествуваат во манифестацијата и да се натпреваруваат за најубава маска и карикатура, за коишто  ќе им додели вредни награди и дипломи. Во вечерниот дел од манифестацијата на бината ќе продефилираат учениците од средните училишта со групни маски, а учесниците во најдобрата групна маска ќе добијат и вредна награда“, информираат од Град Скопје.