Вујовиќ: Македонија игра бавно и позиционо во напад, ќе ги искористиме нашите предности

Иако првиот противник на македонските ракометари на Европското првенство, селекцијата на Словенија има сериозни проблеми околу составот, сепак нивниот селектор Веселин Вујовиќ верува дека неговите избраници можат да ја совладаат Македонија.

Искусниот стратег, кој одличен ги знае можностите на нашата селекција, смета дека брзата игра е предноста која Словенија ќе треба да се искористи.

„Македонија игра бавно и позиционо во нападот. Тие ретко прават технички грешки што им дава поголема предност на теренот. Нам ни останува да го наметнеме брзото темпо на игра. Мислам дека тоа е вистинското решение за да го добиеме противникот. Ги знам нашите предности и ќе се обидат тоа да им го наметнам на моите ракометари на теренот“, изјави црногорскиот стратег на клупата на Словенија.

Што се однесува до здравствениот билтен, за разлика од словенечката репрезентација која се соочува со неколку повредени играчи, во составот на Македонија се е во најдобар ред, а атмосферата во тимот како и секогаш е на високо ниво.

Селекторот Раул Гонзалес во неколку наврати потенцира дека мечот со Словенија е исклучително важен за понатамошниот тек на шампионатот.

Вториот дуел од Ц групата на Европскиот шампионат, меѓу Македонија и Словенија ќе се игра утре во терминот од 19 часот и 30 минути.

Претходно во терминот од 17,15 часот ќе играат Германија и Црна Гора.