Вучиќ: Хојт Ји е суров професионалец


Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за денешното издание на весникот „Курир“, говорејќи за надворешната политика, оцени дека официјалниот претставник на Стејт департментот Хојт Брајан Ји, „не и чита лекции на Србија, туку секогаш зборува во името на Стејт департментот“.

– Ако ова е негово лично мислење, некој досега би го демантирал или би го сменил. Но досега никој не го демантира ниту го смени. Ји е суров професионалец и јас тоа го почитувам. Тој има свои ставови…, изјави Вучиќ на прашањето за ставот на Ји дека Србија мора да потврди дека 100-процентно е посветена на зачленувањето во ЕУ.

На прашањето дали најавата на Конгресот на САД дека ќе го анализира односот меѓу Србија и Русија, е директна последица од неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин, Вучиќ одговори дека „секој треба да си ја работи својата работа“.

За односите со Хрватска Вучиќ рече дека сака да оди во Загреб, и дека сака да дискутира и да се договори за многу работи.

На прашањето дали може да дојде до историски договор со Приштина, Вучиќ наведе дека е важно да се обиде да се постигне договор со Албанците.

Вучиќ потсети дека разговорите со косовските Албанци се секогаш тешки и додаде дека „доколку овој историски конфликт успееме да го решиме по мирен пат, тоа ќе биде наш најголем успех и дострел.”

На прашањето „дали до тоа може да се дојде по мирен пат“, Вучиќ изјави дека тој се надева, но и дека не е сигурен како тоа ќе го прифати албанската и српската јавност.

Тој додаде дека двете страни „сакаат да живеат во митови“, но „ние ќе се обидеме во 2018 година ова да го измениме. Не можам да дадам гаранции, но јас би бил најсреќен кога би можеле. Тоа можеби би било моето најважно политичко наследство, по фискалните реформи на кои сум горд и кои ќе се паметат во историјата“, заклучи Вучиќ.

Српскиот претседател изјави и дека се надева оти белградските избори ќе се одржат во периодот меѓу 4 и 18 март и дека „не ја исклучува можноста за одржување на предвремени парламентарни избори“.