Вучиќ по пресудата за Младиќ: Не е ден ни за радост ни за тага

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, коментирајќи ја денешната пресуда на Судот во Хаг против поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој е осуден на доживотен затвор, рече дека „не е ден ниту за радост ниту за тага“.

„Ајде да видиме каква иднина сакаме. Мојата порака до граѓаните е да гледаме во иднината, да размислуваме каде и како ќе ни живеат децата, како и на кој начин да го чуваме мирот и стабилноста во регионот, како да отвараме повеќе фабрики и да не се задушуваме во солзите на минатото, туку преку работничка пот да создаваме подобра иднина за сите нас“, изјави Вучиќ.

Според пресудата, Младиќ е виновен за геноцид во Сребреница, како и за прогон, истребување, злосторства против човештвото, убиства, нехумано дело на присилно преместување, депортација, тероризирање и противправни напади на цивили, земање заложници.