Вучиќ: Опозицискиот договор со народот е збор на глупости

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека предлогот на „Договорот со народот“, направен од опозицијата, е „збир на неверојатни глупости“, како и дека граѓаните кои протестираат можат да го прават тоа колку што сакаат, но нема да им биде дозволено насилство.

– Го прочитав тој договор, како и претходниот договор со народот, кој имаше некоја смисла (од 2001 година), освен што се излажаа, а овој е „празна лушпа“, истакна Вучиќ, одговарајќи на прашања на новинарите во Минхен каде учествува на безбедносниот форум.

Тој додаде дека има многу посериозна работа отколку да ги коментира „(Драган) Ѓилас, (Вук) Јеремиќ и (Бошко) Обрадовиќ“, наведувајќи дека тие никогаш нема да победат на избори.

Зборувајќи за граѓанските протести, тој рече дека „нема хаос во земјата“, за разлика од некои други држави, каде што има скршени глави.

Според неговите зборови, важно е да се покаже демократски однос кон луѓето кои размислуваат поинаку.

– Ние тоа го правиме на многу добар начин – многу подобро од голем број европски земји, нагласи Вучиќ.

Во Белград вечерва ќе се одржи 11-от граѓански протест, на кој демонстрантите „1 од 5 милиони“ најавија дека граѓаните ќе можат на собирот да го потпишат „Договорот со народот“. Претставниците на 34 опозициски политички организации кои го потпишаа Договорот и кои со својот потпис ја гарантираат неговата имплементација ќе им го поделат на граѓаните пред да започне протестната прошетка.

– Граѓаните на протестите покажаа дека сакаат држава во која Владата е менлива преку фер и чесни избори и во која граѓаните се оние кои ја контролираат државната администрација. Затоа потписот на секој граѓанин на „Договорот со народот“ ќе значи дека граѓаните се тие кои ќе ја контролираат неговата имплементација, се вели во соопштението.

Како што е наведено, секој договор ќе биде отпечатен во два примерока, а граѓаните ќе можат еден примерок да го потпишат и да го вметнат во специјални кутии, а другиот примерок да го задржат за себе. Кутиите ќе бидат поставени на платото пред Филозофскиот факултет, каде ќе започнат протестите, како и пред Националното собрание каде што ќе заврши протестната прошетка.