Вучиќ и Тачи разговараа за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Давос изјави дека со косовскиот претседател Хашим Тачи разговарал за продолжување на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина во Брисел.

Вучиќ изјави дека без продолжување на дијалогот нема ни продолжување на европскиот пат на Србија, ниту пак инвестиции.

– Можете да купите три месеци, шест месеци, но потоа сме заглавени, рече Вучиќ.

Српскиот претседател изјави дека разговарал со Тачи и за убиството на лидерот на партијата на косовските Срби, Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ, при што му рекол дека не разбира зошто Приштина прифатила само размена на информации со Белград, а не и вклучување на српски претставници во истрагата. Српскиот претседател додаде и дека на Тачи му рекол оти се надева дека косовските власти ќе го откријат убиецот на Ивановиќ.

Вучиќ исто така изјави дека кога станува збор за прашањето на Косово, пред Србија не е лесна година. – Ние мораме да одлучиме што е она што можеме, треба и сакаме да го направиме во иднина за самите себе, да имаме реален и одговорен пристап, да изгубиме најмалку што мораме и да добиеме најмногу што можеме, изјави Вучиќ.

– Доколку некој мисли дека идејата на процесот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина само е Србија да го призна Косово, тогаш – благодарам, довидување, изјави српскиот претседател Вучиќ.