Вучиќ: Изборите зависат од опозицијата, нека кажат еден збор и тие ќе бидат

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека евентуалното одржување предвремени избори зависи од опозицијата и дека тие ќе се случат, ако го побараат тоа. Тој рече дека не го интересираат критиките на социјалните мрежи поради најавата за заострување на казнената политика против криминалците и додаде дека ова нема никаква врска со можните вонредни избори, јави дописникот на МИА од Белград.

– Тие сакаа да кажат дека сето ова е поради изборите. Изборите зависат само од нив. Еден збор да кажат и тие ќе се одржат, рече Вучиќ на отворањето фабрика во Лесковац и додаде: „Ќе ги победам убедливо“.

Коментирајќи го писмото испратено од лидерот на опозициската партија Двери Бошко Обрадовиќ на рускиот претседател Владимир Путин, Вучиќ во ироничен тон рече дека на Путин „мора да му е многу важно што го добил ова писмо“.

Тој, исто така, одби да ги коментира тврдењата на лидерот на Народната партија, Вук Јеремиќ, дека премиерката Ана Брнабиќ планира да поднесе оставка по посетата на Путин во Белград.

– Не можам на глупости да одговарам, рече Вучиќ.

Одговарајќи на новинарски прашања оцени дека никогаш не му кажал на некој претставник на опозицијата дека е предавник.

– Тие секојдневно ме нарекуваат криминалец, предавник, педер … Мислат дека имаат право секој ден да ме навредуваат за нешто да сменат, а притоа кукаат кога некој нив ги навредува, рече претседателот на Србија.

Тој додаде дека опозицијата, кога последен пат била на протести, освоила 40 отсто помалку гласови на изборите во Белград, додека СНС доби 20 отсто повеќе гласови.

Коментирајќи ги најавите на Приштина за можното воведување нови мерки кои вклучуваат забрана на движењето на возила од Србија во Косово, Вучиќ оцени дека Приштина ќе ја ослабне својата меѓународна позиција „што и да направи“.

– Секогаш ќе најдеме доволно начини да им помогнеме на нашите луѓе во Косово. Преку сите проблеми ќе поминеме заедно и успешно ќе ги надминеме, рече Вучиќ.